ГРУЈЕВСКИ ПОБАРА, ЈАНКУЛОСКА ОДОБРИ УНИШТУВАЊЕ НА ОПРЕМАТА ЗА ПРИСЛУШУВАЊЕ НА УБК, СВЕДОЧИ ПОМОШНИК-МИНИСТЕР ВО МВР

    ГРУЈЕВСКИ ПОБАРА, ЈАНКУЛОСКА ОДОБРИ УНИШТУВАЊЕ НА ОПРЕМАТА ЗА ПРИСЛУШУВАЊЕ НА УБК, СВЕДОЧИ ПОМОШНИК-МИНИСТЕР ВО МВРПоранешната министерка Гордана Јанкулоска била потпишана на решението на комисијата да се уништи опремата со која се прислушувале стотици и стотици граѓани од 2009 до 2015 година, за да се скријат трагите. (Фото: СДК.МК)

    Предметот за масовното прислушување на граѓани „Тврдина-Таргет“ продолжи со сослушување на Весна Доревска, помошник- министер за правни работи кажа дека овој оддел во МВР нема никаква надлежност за ништење на опремата за прислушување во УБК, но една од надлежностите е носење решенија за формирање на комисија.

    „Што знаете за носењето решение за формирање комисија за ништење на опремата за прислушување во 2015 година?”, прашаа обвинителите Трајче Пеливанов и Ленче Ристоска.

    „Од 16 март 2015 година бев на годишен одмор. Но, претходната недела ми се јави Горан Грујевски да ми кажа дека сме требале да донесеме решение за формирање комисија за уништување на опрема на УБК. Ми укажа дека ни било упатено такво барање, ама не сме постапиле. Побаравме, такво барање кај нас, немаше. Тука застана работата со нас. На 16 март 2015 година отидов на годишен одмор, се вратив на 23. Грујевски доставил такво барање. Бараа нешто што не е наша надлежност. Со мој потпис во отсуство, на 17 март, предметот го вратиле колегите назад во УБК, со барање за појаснување. Во нивното барање навеле доверливи акти на кои се повикуваат, а воопшто не беа ставени во прилог. Немаше ни каква, ни чија опрема…”, сведочеше Доревска.

    На 23 март 2015 година повторно и се обратил сега избеганиот Грујевски.

    „Ми кажа дека ако не се заврши таа работа, тој ќе биде виновен. Дојде и негова колешка. Во ходник направи сцена. Ја пратил Грујевски. Рече до вечер да биде готово! Ѝ кажав дека не може таа да ми наредува”, рече Доревска и додаде дека сепак го направиле решението за комисија така како што барале од Петтата управа и им го пратиле.

    Потоа го извади предметот во судница и прочита што напишал нејзиниот колега: „Решението е изготвено врз основа на насоки од министерот за внатрешни работи”.

    Потпишан бил обвинетиот Тони Јакимовски, шеф на кабинетот на обвинетиот директор на УБК Сашо Мијалков. Министерка тогаш беше обвинетата Гордана Јанкулоска. Доревска на прашање на одбраната кажа дека Јанкулоска не била потпишана на барањето, но била потоа потпишана на решението на комисијата за да ја уништи опремата со која се прислушувале стотици и стотици граѓани од 2009 до 2015 година, за да се скријат трагите.

    Во овој предмет за злоупотреби на системите за прислушување во УБК, но и за нивно уништување откако почна СДСМ да ги објавува прислушуваните разговори, покрај Мијалков, Јанкулоска, Грујевски и Јакимовски, обвинети се и началничката Надица Николиќ, Никола Бошковски, како и уште 5 нелегални прислушувачи од УБК. Со пасошот на едниот од нив, на обвинетиот Владимир Варелов, неговиот тогашен шеф Горан Грујевски избега во Грција.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира