ГРУПА ПРАТЕНИЦИ БАРА ПРАЗНИК И ЗА УНГАРЦИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА, ВЛАДАТА Е ПРОТИВ

    ГРУПА ПРАТЕНИЦИ БАРА ПРАЗНИК И ЗА УНГАРЦИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА, ВЛАДАТА Е ПРОТИВВладата е против воведување нови празници и нови неработни денови и му препорачува на Собранието да не ги носи предложените измени. - Од прослава на 8 Септември пред Владата (Фото: СДК.МК)

    Група пратеници поднесе предлог за изменување на Законот за празниците со кој неработни денови би добиле и припадниците на словенечката, унгарската, полската, египќанската, хрватската, црногорската, ерменската, бугарската, грчката и руската заедница. За предложените законски измени треба да се расправа на собраниската седница, закажана за следниот вторник.

    Предлагачи на законските измени се пратениците: Рубин Земон, Реџеп Мемеди, Фадил Зендели, Ѓулумсер Касапи, Самка Ибраимоски, Џеват Адеми, Зеќир Рамчиловиќ, Никола Мицевски, Илија Димовски, Илија Николовски, Лилјана Поповска и Мирослав Јовановиќ.

    Тие бараат да се воведат уште 10 празници, односно неработни денови кои би ги празнувале само граѓаните на овие заедници.

    Според предлогот, словенечката заедница би го славела овде за свој ден 8 февруари, унгарската 15 март, полската 3 мај, 24 јуни за припадниците на египќанската заедница, 25 јуни за хрватската, 13 јули, празник за припадниците на црногорската заедница, 21 септември, празник за припадниците на ерменската заедница, 22 септември, празник за припадниците на бугарската заедница, 28 октомври да го празнува грчката заедница и 4 ноември да биде празник на руската заедница во Северна Македонија.

    Но, Владата е против воведување во законот нови празници и нови неработни денови и му препорачува на Собранието да не ги носи предложените измени. Во мислењето што го испратила до Собранието, кое треба да расправа за овој предлог-закон, Владата наведува дека има доволно празници кои го овозможуваат негувањето на верските и националните чувства и го унапредуваат мултиетничкиот карактер на државата. Овие празници, смета Владата, даваат можност за обезбедување чувство на рамноправност и еднаквост.

    „Нема потреба од утврдување на нови неработни денови за припадниците на словенечката, унгарската, грчката, бугарската, руската, египќанската, ерманската, хрватската, црногорската и полската заедница. Менувањето на законот би било нецелисходно“, се наведува во мислењето испратено до Собранието.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира