Со викање и жолчна расправа на колегиум, што се слушаат од отворените прозорци во Судскиот совет, се одложи почетокот на седницата која заменикот-претседател на Судскиот совет Селим Адеми ја закажа за во 11 часот, со единствена точка на дневен ред „Избор на претседател на Советот“, откако вчера незаконски беше разрешена претседателката Весна Дамева.
Според неофицијални информации одвнатре, новото „мнозинство“, составено од заменик-претседателот Адеми и членовите Миљазим Мустафа, Ханиф Зендели, Мирсад Суроји, Лорета Георгиева, Павлина Црвенковска и Сашко Георгиевски, кој наводно требало да биде новиот претседател на Судскиот совет, ги молат Весна Дамева, Мери Радевска, Ивица Николовски и Зоран Герасимовски, да гласат за нов претседател на Советот.
Молат, зашто засега ги немаат потребните 8 гласа за да изберат нов претседател. Вчера, Дамева беше незаконски разрешена со 6 гласа. Судијката Мирјана Радевска Стефкова вчера не беше на седница, не е познато денеска дали е дојдена на работа.
„Ова е криминал. Ова нема да помине. Ние нема да се вклучиме во криминал и ќе напуштиме седница”, се слуша под прозорците на зградата.
- ПО НЕЗАКОНСКОТО РАЗРЕШУВАЊЕ НА ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА ДАМЕВА, НЕЈЗИНИОТ ЗАМЕНИК ВО СУДСКИОТ СОВЕТ АДЕМИ ДЕНЕСКА ИТНО ЌЕ БИРА НОВ ПРЕТСЕДАТЕЛ
- РАЗРЕШЕНА ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА НА СУДСКИОТ СОВЕТ ДАМЕВА, ПОТПРЕТСЕДАТЕЛОТ АДЕМИ САМ ГО СТАВИ ПРЕДЛОГОТ НА ГЛАСАЊЕ
- ПОТПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СУДСКИОТ СОВЕТ СЕЛИМ АДЕМИ, КОЈ 10 ГОДИНИ Е НА ФУНКЦИЈА, ОДБИ ДА КАЖЕ ДАЛИ ГО БРАНИ СУДИЈАТА ЕНВЕР БЕЏЕТИ ОД РАЗРЕШУВАЊЕ
- ВОЈНА ВО СУДСКИОТ СОВЕТ ЗА СУДИЈАТА ЕНВЕР БЕЏЕТИ, СЕ СОБИРААТ ГЛАСОВИ ЗА РАЗРЕШУВАЊЕ НА ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА ВЕСНА ДАМЕВА АКО ГО СТАВИ НА ДНЕВЕН РЕД БАРАЊЕТО ЗА НЕГОВА ОДГОВОРНОСТ ЗА „ТВРДИНА-ТАРГЕТ“
Вчера по 4-часовна расправа, навреди и провоцирање, место со 8 гласа, со 6 гласа заменикот Селим Адеми ја разреши Весна Дамева од претседателското место. Тоа се случи со упад, со кршење на Законот за Судски совет и на Деловникот.
Тој ѝ го одзеде зборот додека ја водеше седницата, го повика да гласа новото „мнозинство“ од само 6 луѓе, бидејќи неговиот глас не се брои според процедурите, кое дигна рака и ја разреши Дамева од претседателското место.
Адеми, спротивно на Деловникот, си го броеше и својот глас како предлагач. Оттаму, новото мнозинство не само што немаше 8 гласа за разрешување, туку немаше ни 7, зашто гласот на Адеми како предлагач, Деловникот вика – не важи.
Седницата се одложи за 13 часот.
С. К. ДЕЛЕВСКА