ПО НЕЗАКОНСКОТО РАЗРЕШУВАЊЕ НА ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА ДАМЕВА, НЕЈЗИНИОТ ЗАМЕНИК ВО СУДСКИОТ СОВЕТ АДЕМИ ДЕНЕСКА ИТНО ЌЕ БИРА НОВ ПРЕТСЕДАТЕЛ

    ПО НЕЗАКОНСКОТО РАЗРЕШУВАЊЕ НА ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА ДАМЕВА, НЕЈЗИНИОТ ЗАМЕНИК ВО СУДСКИОТ СОВЕТ АДЕМИ ДЕНЕСКА ИТНО ЌЕ БИРА НОВ ПРЕТСЕДАТЕЛЗаконот не предвидува процедура за разрешување на претседател на Судскиот совет. - Претседателката Дамева и нејзиниот заменик Адеми (Фото: СДК.МК)

    По насилничкиот упад вчера во Законот за Судскиот совет и во неговиот Деловник за да ја разреши на негов предлог претседателката на Судскиот совет Весна Дамева, заменикот-претседател Селим Адеми за денеска во 11 часот незаконски закажал и седница, со назнака „итна“.

    На дневен ред ставил: Избор на претседател на Судскиот совет, без да ѝ даде одлука на Дамева дека е разрешена, без давање на рок за жалба.

    Вчера, првин на предлог на Селим Адеми, поддржан од Миљазим Мустафа, Ханиф Зендели, Мирсад Суроји, Сашко Георгиевски (кому му ветиле дека ќе биде новиот претседател на Судскиот совет), на Лорета Георгиева и на Павлина Црвенковска, на расправа за наводни нарушени меѓучовечки односи, беше насилно подметнат предлог за разрешување на Дамева.

    Законска процедура за разрешување немаше, имаше 4-часовна кавга, со викање и втурнување во лицето на Дамева, која седи столче до столче со Адеми, и на моменти со нејзино вразумување и демонстрирање моќ на висок тон: „Ти сакаш да останеш претседателка. Јас ќе те сменам, стискам копче и те снемува од ова место!“.

    Адеми ја надвика Дамева додека таа објаснуваше дека се кршат вака член 36 од Законот за Судски совет и членот 8 од Деловникот, кој признава одлука со минимум 8 гласови, а таа беше разрешена со гласови на седум членови на Судскиот совет.

    Дополнително, Деловникот вели дека предлагач не смее да гласа, што значи Дамева вчера била разрешена всушност со 6 гласа, бидејќи тој на Адеми како предлагач, е невалиден.

    Законот не предвидува процедура за разрешување на претседател на Судскиот совет. Во членот 36, став 1 од Законот за Судскиот совет набројани се надлежностите на Советот. Стои дека Советот може да одлучува само за дисциплинска одговорност на член, но не и за разрешување на претседателот.

    Престанок на мандатот на претседателот на Судскиот совет пред неговиот истек, е можен само ако постои престанок и на неговиот мандат како член. Значи, Дамева требало првин да направи прекршок, па да ѝ биде покрената дисциплинска постапка со формално образложено барање поткрепено со докази, доставено од кој било член на Советот или од најмалку 20 судии.

    Ништо од оваа законска процедура вчера не беше направено, туку Адеми ѝ го одзеде зборот на Дамева, ја поведе самоиницијативно седницата, го стави неговиот предлог на гласање, ја разреши со својот 7-ми, невалиден глас и си замина заедно со Мустафа, Зендели, Суроји и другите од новото мнозинство.

    Тој е од 2013 година во Судскиот совет и е избран од политичките партии во Собранието. Бираше и разрешуваше судии и во времето на тефтерчињата на Сашо Мијалков, Никола Груевски и Гордана Јанкулоска. Дипломирал право во Тетово, магистрирал 2009 година во Приштина. Една година бил секретар на општина Гостивар, па една година секретар за Рамковен договор, па како кадар на ДУИ, од 2011 до 2013 година државен секретар во Министерството за правда.

    Немал никакво искуство со судство, но во 2013 година во времето на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, е избран од политиката директно за член на Судскиот совет со тоа што двапати е потпретседател и тој веќе 10-та година е во Советот, со најдолг мандат досега. Ќе биде член на Судскиот совет до 2025 година.

    Вчера тој избега од просторијата по прашањето на паузата на САКАМДАКАЖАМ.МК дали целиот незаконски упад во дневниот ред на седницата со барање за разрешување на претседателката Дамева е за спас на судијата Енвер Беџети кој го држеше за да застари во фиока најзначајниот предмет “Тврдина-Таргет“, за масовното незаконско прислушување, но и предметот „Транспортер”, кој пак две ипол години не го вадеше од плакар како судија-известител, а главниот обвинет Владимир Талески, од куќен притвор над две години земаше плата од Битолскиот театар како неправосилно осуден.

    Место да даде изјава, тој на седницата нагаѓаше и ја обвинуваше Дамева дека таа ги дала информациите на САКАМДАКАЖАМ.МК за тајната постапка за разрешување на судијата, што ја покренала нивната колешка Тања Чачарова-Илиевска, а која е блокирана да се стави на седница. Ни преку изјава пред новинарите, ни на седницата со викање цели 4 часа, тој се обиде да се одбрани кога Дамева упорно го обвинуваше него и поддржувачите дека ја разрешуваат оти не им се допаѓаат некои одлуки за иницијативи за разрешување на судии кои тоа го заслужиле.

    Следен кој ги рецензираше изворите за текстот на САКАМДАКАЖАМ.МК беше Миљазим Мустафа, кој ја обвини Дамева дека изнесувала тајни податоци за постапката на Енвер Беџети, игнорирајќи го фактот дека тоа не е обична постапка, туку случај од висок јавен интерес. Под притисок на јавноста, Судскиот совет формираше комисија да влезе во Апелациониот суд и да изброи колку месеци Беџети го чувал предметот против Сашо Мијалков за прислушувањето, и потоа констатираше дека незаконски го држел за да течат роковите, и следствено на тоа, на јавноста ѝ беше ветено дека тој случај ќе има разрешница.

    Поради кршењето на законот при разрешувањето на претседателката на Судскиот совет и на деловникот на Советот со  насилното одземањето на нејзиниот збор како актуелен претседател и член на Судскиот совет, реагираше Коалиција “Сите за правично судење“.

    „Судскиот совет не можел да донесе одлука за разрешување од функцијата претседател на Судски совет без да донесе одлука за разрешување на членот како член на Судски совет, односно не ја испочитувал процедурата во која може да се одлучи за каква било дисциплинска одговорност на член, вклучително и претседателот на Судски совет. Ја донел одлуката со несоодветно мнозинство, односно место со 8, ја донел со 7 гласа ЗА, од кои еден бил и глас на членот кој ја покренал иницијативата за разрешување“, изрази загриженост „Сите за правично судење“.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира