Основниот кривичен суд Скопје пак ги осуди неправосилно функционерите на ДУИ Ејуп Алими и Исмет Гури на по три години и шест месеци затвор за уништување изборен материјал на локалните избори во Чаир во 2013 година.
Двајцата обвинети беа осудени на по 3,5 години затвор и во март 2020 година, но Апелациониот суд Скопје во јули 2021 година ги укина првостепените пресуди и го врати предметот „Титаник 3“ на повторно судење.
Алими беше координатор на пратеничката група на ДУИ во минатиот парламентарен состав, а сега е државен советник во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците. Гури, пак, е заменик-управник во УЈП.
Според обвинението, двајцата, по завршување на гласањето, од два сведока Јани Точи и Ресмие Бислими, ги зеле списоците од гласовите и еден по еден ги преправиле во корист на кандидатите на ДУИ.
Двајцата фалсификувале вкупно 12 списоци од гласање. На пример во едното 388 гласови за ДУИ ги преправиле во 492, во друго од 122 освоени, во 220. Од 253 во 423 за ДУИ, итн. Преправањето на гласовите го вршеле математички со тоа што со знаење на коалициониот партнер ВМРО-ДПМНЕ, крателе од нивните гласови, ама и од ДПА, кои практично ги преполовувале. Преправени, им ги вратиле на сведоците, членови на комисиите што ги спроведувале гласањата во овие избирачки места.
Овие резултати, со додавање и одземање на гласови, потоа биле испратени до ДИК.