ХОЛАНДИЈА ПОБЕДИ НА ЕВРОВИЗИЈА, ТАМАРА НА ОСМО МЕСТО

    ХОЛАНДИЈА ПОБЕДИ НА ЕВРОВИЗИЈА, ТАМАРА НА ОСМО МЕСТОТамара имаше одличен настап на Евровизија

    Холандија со пејачот Данкан Лоренс и песната „Аркада“ победи на Евровизија, а Тамара Тодевска и го донесе највисокиот пласман на Северна Македонија досега, 8-то место. Македонија вечерва, по седум години пауза беше дел од финалето на Евровизија  со Тамара, чија песна „Горда“ успешно ја помина втората полуфинална вечер во четвртокот.

    „Ден кој никогаш нема да го заборавам. Ви благодарам“, напиша Тамара на Твитер на крајот од гласањето.

    Тамара пееше осма по ред во финалето, а нејзини придружни вокали беа Антониа Гиговска, Александра Јанева и Васил Гарванлиев.

    Македонија доби 12 поени од Австрија, Велика Британија, Албанија, Молдавија, Србија и долго време беше на првото место на табелата. Гласањето на жирото го заврши на второ место со само 2 поена зад Шведска. На крајот, по гласовите на публиката со скромни 53 бода, заврши на осмото место.

    „Горда“ е дело на Роберт Билбилов, Лазар Цветковски и Дарко Димитров, автори на музиката и аранжманот , а текстот го напишаа Коста Петров и Сања Поповска. Спотот го режираше Чедо Поповски.

    Финалето почна така што ланската победничка Нета „слета“ на сцената, по што се емитуваше нејзина снимка од авионот, во која на симбличен начин ја повика цела Европа да ѝ се придружи на патување низ музиката. Потоа на сцената продефилираа сите учесници од 26 земји, налик на изборите на изборите за мис на убавина, а водителот на сите им посакуваше добредојде на нивните јазици. Прва настапи Дана Интернешл, победничката на Евровизија во 1998, како и некои од израелските претсавници низ годините на Евровизија. Израел досега четири пати има победено на Евровизија.

    Прва настапи Малта, а Шпанија беше последна.

    Ова беше прв настап на Македонија во финалето од 2012 година, кога нè претставуваше Калиопи со песната „Црно и бело“. Најдобриот пласман досега го држеше Елена Ристеска, која беше 12-та со песната „Нинанајна“ на натпреварувањето во Грција во 2006 година.

    Тамара по вторпат учествува на Евровизија, но во 2008 во Белград настапи заедно со Врчак и Адријан Гаџа.

    Специјална гостинка беше поп кралицата Мадона, која изведе две песни во пресрет на гласањето: класикот „Како молитва“ и новиот сингл „Иднина“ со американскиот рапер Кваво, во придружба на 35-член хор.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира