Откако вештакот на ВМРО-ДПМНЕ минатото рочиште за случајот „Талир 2“ наведе енормно високи суми за плацот на кој е изградено седиштето на ВМРО-ДПМНЕ – зграда на 10 ката и почнат хотел на ДГ Бетон како лепенка на зградата, судењето денеска продолжи со вкрстени прашања од обвинителството – како дошол тој до сумите.
Земјиштето ВМРО-ДПМНЕ односно обвинетите Никола Груевски и Кирил Божиновски го купиле во 2009 година за околу 150.000 евра, а нивниот вештак тврди дека за три години тоа вредело 8 милиони евра. Оваа сума од осум милиони евра им треба за да се покријат над два милиона евра кои инвеститорот ДГ Бетон чиј сопственик е Минчо Јорданов ѝ ги дал на ВМРО-ДПМНЕ за да си купи 30 од вкупно 69 партиски штабови, за десеткатница што им ја изградил, за нејзиното опремување внатре со скап материјал, мебел, опрема и за други луксузни предмети.
Преостанатите 30 објекти-штабови на партијата, се замрзнати во „Талир 1“, под сомневање дека се купени со перење пари преку уплатници со ист ракопис.
Сумата за која смета обвинителството дека е набилдана, ѝ треба на одбраната, зашто политичка партија е непрофитна организација и не смеела да прима донација над тоа што го стопанисувала со ДГ Бетон во рамки на пазарната вредност. Од 150.000 евра до 8 милиони евра е голема разликата, па во соинвеститорството на ДГ Бетон и Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, обвинителството гледа висока корупција во милионски суми евра.
Од друга страна, Бетон тогаш 80 проценти од приходите ги имал од тендерите за Скопје 2014 и за други проекти низ државата што ги добил од тогашната власт, па премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски тогаш не смеел за возврат назад да бара пари и услуги од компанијата на која ѝ ги давал тендерите.
Обвинителството ова го гледа како чиста корупција и ако го докаже тоа пред Основниот кривичен суд, имотот на ВМРО-ДПМНЕ од над пет милиони евра, кој е купен, изграден со забранети средства, ќе биде конфискуван.
Со вкрстени прашања ќе го дискредитирам вештакот ангажиран од обвинетите и неговото вештачење, кажа денеска обвинителот Љубомир Лапе.
„Во вашето вештачење сте ги навеле документите врз основа на кои сте го дале вештачењето. Натаму го спомнувате ДУП Мал ринг каде што се наоѓа 10-катната зграда на политичката партија и почнатиот објект за хотел, како и други договори. Можам ли да заклучам дека освен овие документи што сте ги приложиле, вие не сте вршеле увид во друга документација?”, праша обвинителот Љубомир Лапе кој ја менува застапничката на обвинението Ленче Ристоска.
„Да, оваа е земена како релевантна документација”, потврди вештакот Антонио Георгиев.
„Ќе се согласите ли со мене дека од сликите од примерите што сте ги обезбедиле од Катастер, никаде не е наведена катастерска општина од каде се тие?”, се сомневаше обвинителот во селективност и прикажување само на скапи земјишта во Центар, а прикривање на поевтините пред судот.
„Точно е дека не се наведени, но сите се од Мал ринг”, го потврди и ова вештакот на Груевски и на Божиновски.
„Но невозможно е да се провери точно каде се наоѓаат вашите примери, така?”, продолжи Лапе.
„Од извадоците може да се утврди од кој реон се”, се согласи вештакот Георгиев дека не бил прецизен околу ова во вештачењето.
„Но од сликите не може да се утврди, така?”, заклучи Лапе, па продолжи:
„На страница 6 во вашето мислење наведувате дека пазарната цена на градежно земјиште кое се наоѓа во Центар се движи од 2,5 до 3,5 илјади евра, а во дадени случаи и до 7.200 евра за метар квадратен на градежно земјиште наменето за идна градба, посебно кога се работи за хотелски комплекс. Имате и табела со податоци и извадоци од регистер на цени од Катастерот за недвижности. Ќе се согласите ли со мене дека ова значи дека земјиштето од 17 метри квадратни со продажна цена од 7.200 евра кое го спомнувате, се однесува за земјиште искористено за хотелски комплекс?“, одеше обвинителот по ред низ вештачењето на Георгиев.
„Од извршената анализа може да се види дека тоа се реализирани трансакции за земјиште на тој реон во Центар. Земјиштето за хотелски комплекс е со највисока вредност. На овие 17 квадрати не може да се изгради хотел, но служеле како дел за оформување на парцела“, одговори вештакот.
„Но не знаете дали е за хотелски комплекс?“, праша Лапе за да се осигура да не го бара одбраната алибито во овие 17 квадрати за набилданата сума од 8 милиони евра за плацот под Белата палата на ВМРО-ДПМНЕ донација од Бетон.
„Не знам“, му го даде вештакот посакуваниот одговор, по што обвинителот му кажа: „Благодарам“.
„Ако се вади просечна вредност од овие пет примерока што сте ги прикажале, купопродажната цена од 7.200 евра значи влијае на просечната цена што сте ја извадиле. Дали е исклучок таа цена?
„Да”, го потврди и ова вештакот на ВМРО-ДПМНЕ.
Во публиката имаше група студенти од Правниот факултет „Јустинијан Први“ и внимателно ја следеа борбата со вештачењата, тоа на обвинителството и спротивното, на одбраната.
„Вам секако ви биле познати податоци за купопродажба на овој реон конкретно и на ова земјиште. Во 2009 година Министерството за транспорт и врски им го продала на Груевски, Божиновски и на ВМРО-ДПМНЕ токму ова земјиште и тоа за цена од 110 евра метар квадратен. Така ли е?“, праша Лапе.
„Не знам, но претпоставувам дека тоа земјиште е купено за дооформување на парцела”, кажа Георгиев.
„Но јас претходно ве прашав и вие рековте сте направиле увид во доказите. Овој договор за 110 евра за квадрат е еден од тие списи“, подвлече Лапе, судиите и поротата внимателно слушаа.
„Како од 110 евра за метар квадратен земјиштето според вас вреди 8 милиони евра?“, продолжи обвинителот Лапе.
„Зошто е продадено по таа цена и како, не можам да навлагам. Кај Нова Македонија се продава земјиште за 45 денари метар квадратен“, даде пример Георгиев.
„Фала, токму тоа сакам да ве прашам. Значи иако ви е познат тој факт дека државата продава спроти Нова Македонија (во Центар) земјиште за изградба на хотел за 7 евра квадрат, сепак тоа не влезе во вашето вештачење?“, алудираше Лапе повторно на селективно, а не објективно вештачење од Георгиев.
„Па не знаев, сега излезе тој пример“, одговори тој.
„Констатирате дека од 2012 година до денес се изградени хотели во Центар и наведувате дел од хотелите. Може ли да заклучам дека оваа информација содржана во вашето вештачење не е поткрепена со документација? Како утврдивте дека во 2012 почнала градбата на тие хотели?“, се фати сега обвинителот за споредбите што ги правел вештото лице ангажирано од обвинетите.
„Интересот за изградба на хотели го кажав тогаш, го поткрепив со порастот на бројот на туристи, а хотели немаше доволно”.
„Какви туристи, друго ве прашувам. Иако сами велите дека во 2012 година се граделе хотелите: Ибис, Солун и Мериот, вие не сте се потрудиле да прибавите податоци тогаш колку бил метар квадратен земјиштето на кое се граделе, така ли е?“, продолжи обвинителот.
„Во техничкиот извештај не се земени предвид цената на чинење на градежното земјиште на кои се изградени овие хотели, сакав да укажам на напливот на туристи кои доаѓаат да видат како Скопје се гради и од потребата за хотели“, кажа вештакот.
„Благодарам. Следно прашање: Ќе се согласите ли со мене дека вие немавте контакти со менаџментот на ДГ Бетон Скопје со цел изготвување на вештачењето?“.
„Јас контактирав со менаџментот, ама за ова вештачење не”, потврди Георгиев.
„Сепак на страница 11 констатирате дека ова инвестиција била многу важна за инвеститорот ДГ Бетон Скопје, а на страница 21 и дека компанијата имала подолг период хотел во Охрид и преку инвестирање во овој проект, сакал да ја прошири дејност и во Скопје, а потоа да одлучи дали ќе го продаде или ќе продолжел со хотелот тука во Скопје. Ќе се согласите ли со мене со оглед дека не сте имале контакт со Бетон, вас не би можело да ви биде познато дека хотелот бил од голема важност за Бетон?“, праша Лапе.
„Не можам да се согласам. Тие дале понуда и тоа укажува дека било за нив од голема важност. Очигледно е“, е видувањето вештакот.
„Рековте заклучокот за големиот интерес сте го извлекле врз основа на понудата. Но, ќе се согласите ли со мене дека целата бизнис-пресметка инвеститорот ја прави пред да ја поднесе понудата на јавниот повик?”, продолжи да прашува обвинителот.
„Така е”, потврди прашуваниот.
„Значи кога Бетон ја поднесува понудата да гради објект со 43 посто за ВМРО-ДПМНЕ, Бетон направил пресметка дека 57 посто од новиот објект ќе биде на Бетон и ќе биде хотел. Но ќе се согласите ли со мене дека со објавениот јавен повик се бара понуда за изградба на објект со намена А2 што не е хотел, така ли е? Не е тоа изградба на хотелски комплекс се согласувате?“, бараше одговор Лапе.
„Да, не е тоа за хотелски комплекс”, се согласи вештакот на ВМРО-ДПМНЕ.
„Во вашата методологија за проценка, сте ја зеле приходната метода за во иднина. Но во 2016 година хотел не постои. Не постои ни во 2017, ни следната, ни таа по неа, ни денеска“, го потсети обвинителот вештакот Георгиев.
„Не е изграден. Но објектот е во градба. Не е битно дали е изграден, битна е вредноста на земјиштето на кое се гради“, рече тој.
„Велите цените на ноќевања во хотелите континуирано растат. Но не можете да ми одговорите колку чини ноќевање во Бетон Скопје“, праша Лапе за карабината со скелиња која стои така зад Белата палата на ВМРО-ДПМНЕ цела деценија и не се гради хотел.
„Не, зашто не е изграден. Но постојат хотели во околината“, кажа вештакот.
„Не можете ни да ми одговорите колку легла има хотел Бетон Скопје, ни дали има базен, ниту колку ѕвезди има, така?“
„Не можам, а ѕвездите ќе се утврдат кога ќе се изгради“, кажа вештакот за хотелот што не мрда од мртва точка.
„Велите дека хотелот на Бетон Скопје во 2016 година ќе вредел 20 милиони евра. Ама тој во 2016 година не е изграден, така?“, праша Лапе, а вештакот повторно го упати на вредноста на земјиштето и дека оттаму ја вади вредноста на хотелот од иднината.
„Ќе се согласите ли со мене дека вредноста на земјиштето ја утврдивте преку аритметичко делење од понуда од 2012 година преку пресметка на вредност на непостоечки хотел, така ли е?“, нападна Лапе.
„Важно е земјиштето. Може и голо да биде, да вреди колку изградено“, извади математика стручното лице на Груевски и Божиновски .
„Рековте од 2,5 до 10 илјади евра чинеле метар квадратен. Се согласувате ли дека тоа се суми за изграден простор?“, праша обвинителот.
„Да“, се согласи и со ова вештакот Георгиев.
Обвинителот најави дополнителни докази, овој сложен предмет, кој води судијката Даниела Алексовска-Стојановска е на самиот крај.
С. К. ДЕЛЕВСКА