И ИНТЕРПОЛ ТРАГА ПО ИСЧЕЗНАТОТО 14-ГОДИШНО ДЕВОЈЧЕ ОД СКОПЈЕ

    И ИНТЕРПОЛ ТРАГА ПО ИСЧЕЗНАТОТО 14-ГОДИШНО ДЕВОЈЧЕ ОД СКОПЈЕПодатоците за исчезнатата Вања Ѓорчевска денеска во 13.00 часот се ставени на Стоп-листа на граничните премини, рече МВР. (Фото: МВР)

    Интерпол денеска распиша меѓународна потерница за исчезнатата 14-годишна Вања Ѓорчевска од Скопје, по која се трага трет ден, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР). Вања исчезна во понеделникот наутро на пат кон училиште во скопската населба Дебар Маало.

    „За решавање на случајот и пронаоѓање на лицето е постапено веднаш по добиената пријава, вклучени се целосните капацитети на СВР Скопје на највисоко ниво, извршени се низа разговори со лица блиски на малолетничката, прегледани камери итн. Податоците за исчезнатото лице на 28.11.2023 во 13.00 часот се ставени на Стоп-листа на граничните премини, а на барање на Министерството за внатрешни работи распишана е меѓународна потерница за исчезнато лице од страна на Интерпол. Истрагата продолжува интензивно и се преземаат сите мерки и активности за пронаоѓање нз лицето“, соопшти МВР.

    Од таму апелираат да не се шират дезинформации, и велат дека МВР постојано ќе ја информира јавноста се до пронаоѓање на девојчето.

    МВР вчера објави нејзина фотографија со опис во билтенот за исчезнати, а нејзината фотографија се споделува и на социјалните мрежи.

    Mајката на Вања во понеделникот на Фејсбук напиша дека девојчето излегло од дома во 7.20 за на училиште и оттогаш и се губи секаква трага. Последниот сигнал од нејзиниот телефон е лоциран на улицата „Партизанска“ спроти Универзална сала во Скопје.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира