И ЈАС БИ САКАЛ УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ ДА СЕ СО ОДЛОЖЕНО ДЕЈСТВО, НО ТОА Е АПСОЛУТНО НЕРЕАЛНО, ВЕЛИ ПЕНДАРОВСКИ ЗА БАРАЊЕТО НА ВМРО-ДПМНЕ

    И ЈАС БИ САКАЛ УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ ДА СЕ СО ОДЛОЖЕНО ДЕЈСТВО, НО ТОА Е АПСОЛУТНО НЕРЕАЛНО, ВЕЛИ ПЕНДАРОВСКИ ЗА БАРАЊЕТО НА ВМРО-ДПМНЕПретседателот Стево Пендаровски денеска е домаќин на словенечката претседателка Пирц Мусар. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Претседателот Стево Пендаровски го оцени како нереално барањето на ВМРО-ДПМНЕ уставните измени да важат откако Македонија ќе влезе во ЕУ. Пендаровски вели дека за да се случи такво нешто е потребно Европскиот совет да донесе нови заклучоци, што, според него, е апсолутно надвор од реалноста.

    „И јас би сакал такво нешто, но заклучоците на Советот на Европа се кристално јасни морате да направите уставни промени до крајот на скрининг процесот, за по автоматизам да продолжите со втората меѓувладина конференција и отворање на кластерите. Во тие заклучоци на Советот на Европа е вграден и ставот на Бугарија. За такво нешто треба да имаме нови заклучоци со консензус за да можеме воопшто да разговараме дека е можно денеска да ги усвоиме уставните измени, а да имаат дејство по завршувањето на преговорите, тоа е сосема нереално. Се надевам дека не станува збор за изговор само за да не се влезе во процесот на уставни измени“, кажа Пендаровски на заедничката прес-конференција со словенечката претседателка Пирц Мусар, која денеска е во посета на Скопје.

    Ваквото барање лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски го изложи на лидерската средба со премиерот и претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски на 7 јуни, на која двајцата разговараа и за уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот.

    Словенечката претседателка кажа дека и Словенија морала да го промени Уставот пред да влезе во ЕУ. Во нивниот случај се работеше за измена со која што се дозволува на странците да купуваат и поседуваат имот во земјата.

    „Дозволете ми да потенцирам и дека Словенија мораше да го смени Уставот и тогаш во мојата татковина се слушаше како тоа не е добро за словенечкиот народ, како ќе се изгуби словенечкиот јазик. Го променивме Уставот во член кој дозволуваше странците да купуваат и поседуваат имот. Имаше политички расправи и дебати, имаше жешки расправи од тој аспект, но успеавме во тоа, бидејќи словенечката политика беше свесна дека треба да бидеме единствени кога треба да реализираме европски проекти“, рече Мусар.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира