Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) вели дека Владата ги омаловажува и понижува своите вработени и го зголемува процентот на вработени кои примаат минимална плата во државата со одлуката за зголемување на минималната плата од 15 на 18 илјади денари.
Од УПОЗ велат и дека со новата минимална плата, цела категорија вработени во администрацијата кои досега биле барем малку над минималната плата сега ќе примаат минимална плата, иако во реалноста платите на таа категорија вработени ќе останат исти како досега.
„Со новата вредност на минималната плата Владата за првпат во историјата на Македонија ќе направи цела категорија вработени во администрацијата кои досега беа барем малку над минималната плата сега да примат минимална плата. Со самото тоа Владата прво ги омаловажува и понижува своите вработени и второ го зголемува процентот на вработени кои примаат минимална плата во државата од 13.8% на скоро 18%“, велат од УПОЗ.
Водејќи се по таа логика, УПОЗ бара скалесто да се зголемат и платите на вработените во државната администрација за да не се случи, не дај Боже, некој вработен во администрацијата да биде на минимална плата од 18 илјади, бидејќи, според УПОЗ, тоа е понижување.
Доколку не се исполни нивното барање, од УПОЗ се закануваат дека ќе организираат протести и блокирање на работа на одредени институции.
До ваквата ситуација е дојдено, според УПОЗ, затоа што Владата ја зголемила минималната плата за, како што велат од УПОЗ, неверојатни 120%, а платите во администрацијата и правосудството од 2012 досега се зголемени за 9 или 10%.
Државната администрација, која работи со граѓаните, требаше да работи во две смени од 7 до 21.30 со одлука на Владата од септември 2017 година, но од двосменско работење се случи само двосменско работење по 4 часа како мерка за намалување на ширењето на коронавирусот. Дополнително, во голем дел од пандемијата, администрацијата воопшто не одеше на работа.
Законските измени за зголемување на минималната плата треба утре да поминат во Собрание.
М. ИЛИОСКИ