Со транспарент „Слобода за Здравко и Владимир“ на протестниот собир пред Основниот суд во Битола излезе и мајката на притворениот Здравко Савески од Левица. Собирот се одржа Битола, родниот град на Савески, а мајка му не сакаше јавно да зборува, само рече дека тој од секогаш бил чесно момче и дека ваквата ситуација ги вознемирила сите во семејството.
Протестен собир за ослободување на Здравко Савески и Владимир Куновски од Левица беше организиран пред Основниот суд во Битола во исто време кога беше закажано и нивното судење во скопскиот суд. Судењето и денеска се одложи, презакажано е за 10 јуни, а на обајцата им е продолжен куќниот притвор.
„Продолжување на домашниот привор ние сметаме дека е непотребно и неосновано, се надеваме дека ќе биде донесена одлука за укинување на домашниот притвор. Бараме ослободување на нашите другари. Во оваа земја се апсат демонстрати, а се аболицираат криминалци“, рече Никола Славевски од Левица.
Здравко Савески и Владимир Куновски повеќе од еден месец се наоаѓаат во куќен притвор. Обвинети се за учество на демонстрациите против аболицијата на Иванов, на 13 и 14 април кога беше демолирана канцеларијата на претседателот на Република Македонија во центарот на Скопје.
Иако Левица како партија се залага за поголеми работнички права, сепак судската администрација одлучи да не штрајкува пред Основниот суд каде беа членовите на Левица. Штрајкувачите од Судот, кои бараат да им се исплатат додатоци на плата, се собраа пред Апелациониот суд во Битола за да не бидат поистоветени со битолчани кои бараат слобода за Савески.