И МАКЕДОНСКИТЕ ПАЦИЕНТИ ЌЕ ДОБИЈАТ ВРВНА УСЛУГА, ВЕЛАТ ОД ШВЕДСКИ „ДИАВЕРУМ“, КОЈ УПРАВУВА СО 9 ЦЕНТРИ ЗА ДИЈАЛИЗА

    И МАКЕДОНСКИТЕ ПАЦИЕНТИ ЌЕ ДОБИЈАТ ВРВНА УСЛУГА, ВЕЛАТ ОД ШВЕДСКИ „ДИАВЕРУМ“, КОЈ УПРАВУВА СО 9 ЦЕНТРИ ЗА ДИЈАЛИЗАМакедонските пациенти со бубрежна болест ќе добиваат третман според високите европски стандарди, најавија од шведската компанија „Диаверум“; - Амбасадорот на кралството Шведска Матс Стафансон, главниот извршен директор на „Диаверум“ Димитри Мулавасилис и амбасадорката на Обединетото кралство Рејчел Галовеј на денешната презентација во Скопје (Фото: Диаверум)

    Главниот фокус на шведската компанија „Диаверум“ по нејзиниот влез во земјава ќе бидат инвестиции во дополнително унапредување на медицинската услуга, едукација на стручен персонал и на пациентите и примена на најсовремената медицинска пракса во областа на третманот на бубрежно болните лица, соопштија од компанијата на денешната прес-конференција. Станува збор за еден од водечките даватели на здравствени услуги за третман на бубрежно болни лица, во 20 земји на неколку континенти.

    „Диаверум“ започна со своите инвестиции во земјата во октомври минатата година, преземајќи ја компанијата која управува со девет центри за дијализа во Скопје и источниот дел на земјата и во моментов се грижи за повеќе од 670 пациенти со хронична бубрежна болест. Одлуката за влез во македонското здравство, како што велат од шведската компанија, ја донеле по неколкугодишна темелна анализа на сите аспекти поврзани со функционирањето на системот за дијализа во земјава, како и на потребите на пациентите.

    На свеченото одбележување на активностите на „Диаверум“ во земјава, организирано во пресрет на Светскиот ден на бубрегот – 14. март, се обрати главниот извршен директор на „Диаверум“, Димитри Мулавасилис.

    „Нашата мисија е на секој наш пациент да му овозможиме здравствена грижа која ќе го подобри квалитетот на неговиот живот. Среќни сме што и на пациентите овде ќе им понудиме врвна услуга, а преку соработка со надлежните институции ќе создадеме одлична можност за размена на знаења и искуства во повеќе области со што ќе бидеме активен партнер во напорите на институциите за натамошно осовременување на здравствените услуги“, кажа Мулавасилис.

    Мрежата на „Диаверум“ ја сочинуваат најсовремени центри и клиники за третман на бубрезите во 19 земји во Европа, Америка и Азија. Седиштето на компанијата е во Шведска, каде пред повеќе од две децении била отворена првата клиника.

    На свеченоста присуствуваше и шведскиот амбасадор Матс Стафансон, кој кажа дека шведскиот и македонскиот здравствен систем имаат ист приоритет, а тоа е здравствените услуги да бидат достапни за сите, согласно најсовремените медицински протоколи. Според него, тоа е дополнителен мотив со заедничко споделување на искуствата и интензивирање на соработката да се придонесе кон подобрување на овој сектор во интерес на сите граѓани, а инвестицијата на „Диаверум“ во земјата е одличен чекор во таа насока

    Во мрежата на „Диаверум“ ширум светот работат над 11 илјади вработени кои се грижат за здравјето на над 35 илјади лица со бубрежни заболувања, за кои се обезбедува целосна здравствена услуга, почнувајќи од превентивната нега, хемодијализата, домашна нега, па сè до трансплантација.

    Од здружението на бубрежно болни „Нефрон“ кажаа дека се охрабрени од влезот на „Диаверум“ во македонскиот здравствен систем и уверени сме дека преку нив во земјата ќе влезат најсовремените европски и светски стандарди и практики во третманот на пациентите со бубрежни заболувања.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира