На денешното рочиште во Основниот кривичен суд Скопје двајцата обвинители од ОЈО Скопје Даниел Коцев и Александар Давчески испитуваа втор свој сведок, без да извлечат видлива полза за обвинението што го поднеле против: поранешниот вицепремиер Артан Груби, ексдиректорот на Државна лотарија Перпарим Бајрами, ексгенералниот секретар на Владата од времето на СДСМ Методија Димовски и уште пет обвинети од надзорниот одбор на Лотарија.
Сведокот кој е вработен во Државна лотарија учествувал и цел ден ја објаснуваше процедурата за јавни набавки во ова државно претпријатие. Од неговата изјава не можеше да се воочи каде згрешиле обвинетите. А тие, задоволни од неговиот исказ, се откажаа од поставувањето директни прашања кон него, односно ја откажаа потребата од овој сведок.
Немаше суштински прашања од обвинителите, а уште помалку објаснување: „Ова прашање е на таа и таа околност, тоа прашање е во прилог на доказот тој и тој..“, како што бара Законот за кривична постапка.
На минатото рочиште на 5 октомври, се сослушуваше првиот, главниот сведок на Обвинителството, кога се случи случаен или намерен пех.
Имено, овој прв сведок на Обвинителството во овој предмет, ја смени изјавата во корист на обвинетите, а двајцата обвинители не можеа да му прочитаат што кажал во Обвинителството, а што збори сега во Судот, зашто во меѓувреме му го смениле статусот. Пред да стане главен сведок на судењето, во истрагата во Обвинителството тој бил осомничен.
Така, обратно од тоа што го кажал како осомничен во истрагата, сега рече оти не го познава Артан Груби, оти не го видел Перпарим Бајрами на средби со Груби, дека не кажал оти директорот Бајрами бил под силно влијание на тогашниот прв вицепремиер Артан Груби и оти за се го консултирал него.
Не само што „главниот сведок“ двајцата обвинители го преименуваа во т. н. непријателски сведок, туку како да му нанесоа и штета на обвинението и голема полза на обвинетите.
На сите обвинети во предметот „Државна лотарија“ им се става на товар кривичното дело Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 5, во врска со став 4 и став 1, како и член 22 од Кривичниот законик, што како што се тврди во обвинителниот предлог, ги сториле во 2023 и 2024 година. Пропишаната казна за овие кривични дела е од една до пет години затвор.
Обвинителството тврди дека обвинетите незаконски овозможиле набавка на машини и видеолотариски терминали и самостојно приредување електронски игри на среќа во вредност од 9,7 милиони евра, иако законското право веќе било доделено на компанијата Казинос Австрија. Груби претседавал со владината седница на која била донесена спорната одлука поврзана со работењето на Државна лотарија.
Обвинителството тврди дека обвинетите биле свесни оти АД за приредување игри на среќа Државна лотарија на Македонија немало право да приредува електронски игри на среќа на видеолотариски терминали на територијата на државава, бидејќи во 2013 година го вложило тоа право како непаричен влог со вредност од 6.244.898 евра при основањето на Друштво за приредување игри на среќа Државна видеолотарија на Република Македонија-КАСИНОС АУСТРИА ДОО Скопје, за што се стекнало со удел во висина од 51% од основната главнина на друштвото.
И покрај тоа, првообвинетиот Бајрами, генерален директор и претседател на Управниот одбор на Државна лотарија, на 09.05.2023 година, до третиот обвинет Методија Димовски, генерален секретар на Владата, доставил Информација за потребата од преземање активности за самостојно приредување на електронските игри на среќа. Во информацијата со предлог-заклучоци навел дека вредноста на набавката изнесува 42% од сметководствената вредност на имотот на друштвото, определена врз основа на последните финансиски извештаи на друштвото и како таква ќе претставува голема зделка, а нејзиното одобрување е во надлежност на надзорниот одбор на друштвото.
Димовски на 06.06.2023 година ја предложил оваа информација како дополнување на точка на дневен ред на владина седница, со што постапил спротивно на чл.119 ст.2 од Деловникот за работа на Владата и не ја вратил информацијата до подносителот односно не ја препратил до надлежниот орган, стои во обвинителниот предлог.
Второобвинетиот Груби кој имал реално влијание во раководењето со АД Државна лотарија, во својство на одговорно лице, претседавал со седница на Влада на Република Северна Македонија во својство на собрание на Државната лотарија и предложил вака дополнетата точка на дневен ред да се усвои, иако бил свесен дека одлуката не е во надлежност на Владата како Собрание на Акционерското друштво. Доставената информација била усвоена и Акционерско друштво за приредување игри на среќа Државна лотарија било задолжено да ги преземе потребните активности за започнување на самостојно приредување на електронски игри на среќа и спроведување на јавна набавка на видеолотариски терминали.
Останатите обвинети, претседател и членови на Надзорниот одбор, иако знаеле дека законската процедура не е испочитувана, донеле одлука со која го одобриле отпочнувањето на постапката за јавна набавка на видеолотариски терминали за приредување електронски игри на среќа како голема зделка. Јавната набавка се реализирала и биле преземени обврски за исплата со кои на АД Државна лотарија била нанесена штета во наведениот износ.
Но, адвокатите и обвинетите велат дека од оваа јавна набавка штета нема, затоа и Обвинителeтвото не побарува штета во овој предмет.
Тие велат оти таа цифра 9,7 милиони евра не е проневера, не е штета, тие пари не се украдени, а е вредност на апаратите кои уште се имот на Државна лотарија и чија вредност според нив, само расте. Додаваат дека Лотарија имала забрана само за организирање игри на среќа на Интернет, а не и со (купените) апарати.
С. К. ДЕЛЕВСКА



