И ПОКРАЈ ВЕТУВАЊАТА ОД МИНИСТЕРОТ МЕЏИТИ, НЕМА АНТИДИЈАБЕТСКА ТЕРАПИЈА, ГЛУКОМЕРИ, ИГЛИ И ЛЕНТИ, КАКО И СЕНЗОРИ ЗА ДЕЦАТА СО ДИЈАБЕТ

    И ПОКРАЈ ВЕТУВАЊАТА ОД МИНИСТЕРОТ МЕЏИТИ, НЕМА АНТИДИЈАБЕТСКА ТЕРАПИЈА, ГЛУКОМЕРИ, ИГЛИ И ЛЕНТИ, КАКО И СЕНЗОРИ ЗА ДЕЦАТА СО ДИЈАБЕТНа 21 јули на средбата со министерот за здравство Фатмир Меџити писмено било ветено дека антидијабетната терапија ќе биде достапна до 27 јули, ленти и глукомери ќе има за десет дена, а денес 11 август ништо од ова ветување не е реализирано. (Фото: МЗ)

    Откако и по осум месеци не ја добија ветената антидијабетска терапија, игли, ленти, глукомери, лицата со дијабетес преку нивниот Сојуз испратија протесно писмо до Министерството за здравство. Велат дека нема повеќе да протестираат, туку борбата ќе ја водата правно.

    „Ќе почнеме правни процедури, не протести, не улица, туку правно да се бориме против Министерството за здравство. Тоа е единствено надлежно по закон и Устав, да се грижи за здравјето на граѓаните. За илустрација на состојбата, ќе побараме од Институтот за јавно здравје да објави колку ново бубрежно болни имаме овие осум месеци годинава, колку нови лица на дијализа, поради причината немање навремена терапија. Колку лица имаат дијабетично стапало, колку случаи ретинопатија, колку мозочни удри и инфаркти“, кажа Димче Велев, претседател на Сојузот на Здруженија на дијабетичари од Македонија (СЗДМ).

    Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје, минатата година во Македонија биле новодијагностицирани 7.460 пациенти, а вкупниот број на евидентирани случаи со дијабетес во државата е 135. 690. Вели дека атнидијабетката терапија е испорачана во Македонија, но од необјасниви причини не е дистрибуирана. Додава дека и по две средби, кои биле оценети како конструктивни, тие не добиле ништо од ветеното.

    „Антидијабетната терапија е во Македонија 90 дена. Но не е дистрибуирана, зошто, што се случува? Во државата мака мачат, живеат под сериозен стрес и имаат секојдневни проблеми поради нивната хронична состојба 136 илјади лица. Доколку тука ги додадеме и семејствата, бројката е многу поголема, скоро една четвртина од вкупното население во нашата држава се соочува со последиците од дијабетесот“, додава Велев.

    Дијабетичарите се гневни, бидејќи наместо државата да им помогне и да им го олесни секојдневното живеење, тие се соочени да не знаат дали ќе го преживееме утрешниот ден, дали ќе се разбудат следното утро и ќе ги видат нивните деца.

    „Наместо да им олесниме на децата и да не ги боцкаме по 10 пати во денот, наместо да им овозможиме убаво детство, тие секојдневно се мачат. Каде се сензорите?, прашува Велев.

    Од СЗДМ потсетуваат дека на 21 јули на средбата со министерот за здравство Фатмир Меџити писмено било ветено дека антидијабетната терапија ќе биде достапна до 27 јули, ленти и глукомери ќе има за десет дена, а денес 11 август ништо од ова ветување не е реализирано.

    Од Министерството за здравство, објаснуваат дека во сите инсулински аптеки има доволно количини од сите типови инсулин, а дистрибуирани биле потребните количини инсулински игли. Склучен бил договорот за набавка на ленти и глукометри за пациенти со тип 1 и тип 2 со дијабетес, по што следел законскиот рок за испорака во инсулинските аптеки. Во однос на сензорите за континуирано мерење шеќер во крвта, завршена била постапката и во текот на наредната недела ќе бидат склучени договорите, по што ќе следи нивна испорака.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира