Поранешниот министер за култура Арифхикмет Џемаили од ДПА, претходникот на Елизабета Канческа- Милевска, денеска дојде на распит во СЈО. Во негово време беа удрени темелите на проектот „Скопје 2014“.
Од СЈО не откриваат зошто баш Џемаили се појавил на распит кај нив. Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева уште минатиот понеделник соопшти дека во периодот што следи ќе има зголемена фреквенција на лица во СЈО, но таа нема да открива детали за предистражните постапки.
„Заради тајноста на предистражната постапка не смееме да откриваме детали ни кого сме викнале ни зошто сме викнале“, изјавија од СЈО.
Џемаили беше министер за култура во коалиционата влада на ВМРО-ДПМНЕ и ДПА, од 12 април 2007 до 26 јули 2008. Претходно беше проректор за настава на Државниот универзитет во Тетово. Канческа- Милевска, која го наследи на функцијата, во неговиот мандат беше државна секретарка за култура. Во 2011 беше противкандидат на Тачи за лидер на ДПА.
Во август 2010, тогашната портпаролка на ДУИ Ермира Мехмети изјави дека одлуките за проектот „Скопје 2014“ се донесени за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и ДПА.
„Одлуките за изградба на Музејот на ВМРО, на спомениците кај Камениот мост, пред Собранието, изградбата на Црквата се донесени во периодот од 2006 до 2008 година кога министер за култура бил Арифхикмет Џемаили, кадар на ДПА, а вицепремиер Имер Селмани, претседател на НД“, изјави Мехмети, и додаде дека дека од одговорност не може да бегаат ниту ДПА, ниту Нова демократија.
Нова демократија пак врати со потсетување дека за „Скопје 2014“ гласале сите 18 пратеници на ДУИ.
Во декември, 2010 СДСМ ја објави таканаречената афера „патриотска метла“ за губењето на тендерска документација за многу проекти вклучувајќи и неколку од „Скопје 2014“. СДСМ ја обвини Канческа-Милевска и за примени хонорари во висина од 40 илјади денари, награда за секој проект од тогашниот министер Џемаили додека таа беше државна секретарка. Претходно, Канчевска врати 160 илјади денари во готово за што не се наведувал датумот и архивскиот број.