СО ИЛИНДЕНСКА МАКЕДОНИЈА ГО ОТВОРАМЕ ПАТОТ КОН ЕУ И НАТО ШТО Е ГАРАНЦИЈА ЗА НАШИОТ ОПСТАНОК, РЕЧЕ ЗАЕВ ПО ЛИДЕРСКАТА СРЕДБА

    СО ИЛИНДЕНСКА МАКЕДОНИЈА ГО ОТВОРАМЕ ПАТОТ КОН ЕУ И НАТО ШТО Е ГАРАНЦИЈА ЗА НАШИОТ ОПСТАНОК, РЕЧЕ ЗАЕВ ПО ЛИДЕРСКАТА СРЕДБАПремиерот Зоран Заев на денешната лидерска средба во Клубот на пратеници со претседателот Ѓорге Иванов, министерот за надворешни работи Никола Димитров и министерката за одбрана Радмила Шекеринска. (Фото: М. Златевска)

    Република Илинденска Македонија на македонски, Republic of Ilinden Macedonia на англиски и Republika Ilindenase e Maqedonisë на албански е предлогот за кој што го информирав државниот врв, во детали по завршувањето на лидерската средба денеска во Клубот на пратеници објаснуваше премиерот Зоран Заев.

    Тој рече дека со овој предлог, договорен како можно решение за спорот што го има Грција со нашето уставно име, ние го зајакнуваме темелот на нашата република, а Илинден, според Заев, значи историски континуитет на нашиот стремеж за државност и наша гордост.

    „Со ова можно решение го чуваме достоинството, го потврдуваме и зајакнуваме нашиот идентитет-македонски. Илинден е гаранцијата за мултиетничка Македонија, бидејќи за македонската самостојност подеднакво се ангажирале и Македонците и Албанците, Турците, Србите, Власите, Ромите, Бошњаците и сите што се избориле за слободна и независна Македонија“, рече Заев.

    Тој денеска го нарече предлогот „Четврт Илинден“, осврнувајќи се на првиот од 1903 година, вториот од 1944 година и третиот на 8 септември 1991 година, како симбол на нашите независност и самостојност.

    „Им се обраќам на граѓаните на Република Грција дека со ова име правиме целосно разграничување од секој аспект со регионот Македонија. Илинден е заедничка мултиетничка наша борба за социјални права и немаме аспирации кон ниедна соседна држава и народ. Уште еднаш ги потврдуваме неменливоста на границите и почитувањето на наследството на Грција и на грчкиот народ“, кажа Заев, додавајќи дека Македонија е подготвена да го потврди ова на сите потребни начини.

    И потоа повика: „Почитувани граѓани, нам сега ни треба Четврт Илинден околу кој ќе се обединиме на патот кон НАТО И ЕУ. Во јули добиваме покана од НАТО, нема пречка за преговорите со ЕУ. Ќе добиеме повеќе пари од фондовите од ЕУ, од нас и од реформите ќе зависи колку брзо ќе седнеме на столчето во Брисел“.

    Заев во долгиот говор по средбата рече дека е договорено, што и да се случи, Грција да биде наш промотор во ЕУ, НАТО и насекаде.

    „Заради нашата иднина и гаранција на опстанокот на нашата држава ќе прифатиме промена на уставот со уставни амандмани. Ве повикувам, сите следете ме да ставиме крај на 25-годишниот спор“, беше директен Заев.

    На новинарско прашање што ако не биде прифатен овој предлог дома или од грчката страна, Заев одговори дека со Грција останува посветени во процесот додека не најдеме прифатливо решение. Заев накусо кажа што ќе следува уште идната недела. Рече дека ако предлогот дома добие зелено светло и ако се отвори можност процесот да продолжи, идната недела ќе се случи средба на министрите за надворешни работи со посредникот Метју Нимиц во Њујорк на која овој договор со Ципрас ќе се драфтира на хартија, а ќе се утврди и временска рамка на натамошните чекори. Во Њујорк ќе се утврдат и меѓународните правни аспекти за идните чекори во Обединетите нации со предложеното ново име Република Илинденска Македонија.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира