ИЛЈАДНИЦИ ГРАЃАНИ ОД ЦЕЛА МАКЕДОНИЈА ГО КРЕНАА ГЛАСОТ ЗА ЧИСТ ВОЗДУХ НА НАЈГОЛЕМИОТ ЕКОЛОШКИ ПРОТЕСТ ДОСЕГА

    ИЛЈАДНИЦИ ГРАЃАНИ ОД ЦЕЛА МАКЕДОНИЈА ГО КРЕНАА ГЛАСОТ ЗА ЧИСТ ВОЗДУХ НА НАЈГОЛЕМИОТ ЕКОЛОШКИ ПРОТЕСТ ДОСЕГА„Маршот за чист воздух" го поддржаа 30-ина граѓански здруженија од цела Македонија (Фото: К. Попов)

    Граѓаните на Македонија конечно вистински го кренаа својот глас за чист воздух.

    Македонија се приклучи кон денешните протести на глобалното движење против климатски промени и за да укаже на бројката од 3.500 смртни случаи во земјата годишно поврзани со загадувањето на воздухот. Најавен како почеток на зелена револуција, илјадници луѓе, од кои мнозинството млади, се придружија на „Маршот за чист воздух“, што тргна од Министерството за животна средина, па преку Собранието заврши пред Владата.

    Маршот тргна од Министерството за животна средина и заврши пред Владата (Фото: СДК.МК)

    „Во цел свет денеска се одржува климатски марш, само кај нас е за чист воздух. Тоа кажува колку ние сме поназад од оние кон кои што се стремиме. Европската комисија денеска прогласи вонредна состојба за климата, додека на нашите пратеници им е побитно да соберат патни трошоци. Нашите барања се јасни: чист воздух, питка вода, плодна почва, јасно сонце и здраво општество“, кажаа од организацијата „FridaysForFuture“.

    Говорниците, од кои повеќето средношколци, порачаа дека само со заедничка акција може да се промени нешто.

    „Ние сакаме да дишеме. Но, овој проблем не се решава со купување маски од аптека или прочистувачи на воздух од 600 евра, а ни со криење во оваа одвратна шампита. Имаме две опции: да седиме дома и да се угушиме или да се сплотиме и да излеземе на улица“, кажа средношколката Јана.

    Младите беа најбројни и најгласни на маршот (Фото: К. Попов)

    „Марш за чист воздух” беше најавен како мирен, граѓански, непартиски и мултикултурен протест и официјално го поддржаа 30-ина граѓански здруженија од цела Македонија, но дел од нив се изјаснија против идејата за бојкот на избори и граѓанска непослушност. Организаторите најавија дека протестите ќе продолжат.

    Во пресрет на маршот се огласи и Владата, која кажа дека „внимателно ќе ги слушне и ќе ги прифати сите аргументирани сугестии на граѓанските организации вклучени во ‘Марш за чист воздух‘“ и ги покани на средба во Владата на 2 декември.

    „Владата целосно ја разбира реакцијата на граѓаните и на граѓанските организации предизвикана од загадувањето на воздухот и ја споделува загриженоста“, кажа Владата.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира