Судиите во Основниот суд Скопје 1, кои беа тргнати за да немаат никаков контакт со предметите на Специјалното јавно обвинителство, од утрово се во шок, откако сите до еден добиле пониски оценки од Судскиот совет. Судиите, кои беа деградирани, преместени да работат на предмети по стариот Закон за кривична постапка, кои од експретседателот Владимир Панчевски беа казнети со преместување во Судот за прекршоци, како и оние кои беа тргнати од своите долгогодишни работни места со најновиот распоред на претседателот Стојанче Рибарев, велат дека бодовите и оценките им се намалени само за да не бидат конкурентни при формирањето на специјалното судско одделение во Основниот суд Скопје 1, кое треба да ги одблокира и да ги работи само предметите од СЈО.
„Сите судии кои бевме намерно тргнати од нашите работни места и од предметите, како неподобни и неколаборативни со експретседателите Владимир Панчевски и Татјана Михајлова, со претседателот Стојанче Рибарев и со останатите десетмина судии кои го држат во заложништво и го силуваат не само судството во Основниот суд Скопје 1, туку судството во целост, сме казнети. Бодовите и оценките ни се намалени само за да не бидеме конкурентни при формирањето на специјалното судско одделение во Основниот суд Скопје 1, кое треба да ги одблокира и да ги работи само предметите од Специјалното јавно обвинителство “, велат за САКАМДАКАЖАМ.МК револтираните судии.
Оценките во коверти им биле оставени на бироата на сите судии тајно, вчера околу 16 часот, откако сите си заминале дома.
„Судскиот совет не нѐ испочитува да ни ги достави во работно време долгоочекуваните оценки за нашата работа за 2016 година, кои, патем, ги задоцни. Требаше бодовите и оценките да ни бидат готови уште во февруари. Но, колегите од Судскиот совет очигледно чекале момент. Сега, кога треба да се распиште оглас и да конкурираме за специјалното судско одделение, кое ќе се случи многу бргу, нам ни ги намалуваат оценките“, остро реагираат казнетите судии.
Настрадале и скоро сите судии кои беа потпишани на петицијата против Владимир Панчевски и кои лани беа на сослушување во Судскиот совет, да раскажат за однесувањето и злоупотребата на службената положба на тогашниот претседател.
САКАМДАКАЖАМ.МК дознава дека најмногу им се намалени бодовите и оценките за минатогодишната работа во Основниот суд Скопје 1 на судиите Ивн Џолев и Владимир Туфегџиќ, кои беа противкандидати на Владимир Панчевски во пропаднатиот оглас за избор на претседател на Кривичниот суд.
Судијата Туфегџиќ бара одговорност за манипулацијата и лажирањето на неговите бодови.
„Со ваквото оценување на судиите уште еднаш се потврди фактот дека треба да се пристапи кон промена на вреднувањето и оценувањето на работата на судиите.Со последното оценување јас како судија сум оштетен пред се поради недоследноста и очигледните несовпаѓања на податоците со кои располага Основниот суд Скопје 1 и Судскиот совет. Во таа смисла денеска ги обезбедив официјалните аналитички податоци за моето работење од Основниот суд Скопје 1, од кои може да се види дера имам 100% реализацоја во однос на примени и решени предмети во текот на 2015 и 2016 година. Секако дека ќе поднесам барање за повторно оценување,а воедно на оваа тема е закажан и колегиум поради незадоволството на судиите со последното оценување. Секако ќе треба да се разгледа и евентуалната одговорност поради евидентно несовпаѓање на податоците со кои располага судот и Судскиот совет“, вели тој.
Туфегџиќ додава дека е оштетен како судија, кој без своја вина е распореден да постапува по предмети исклучиво по стариот ЗКП, а судиите од овој оддел се пофалени од страна на Судскиот совет за својата ажурност. Оттаму, нејасно е врз основа на кои податоци ми се намалени речиси 100 бода, револтиран е судијата.
Судиите кои Судскиот совет ги ослабе непосредно пред формирањето на специјалното судско одделение во Кривичниот суд, најавуваат жалби и приговори до Судскиот совет.
С. К. ДЕЛЕВСКА