ИМА ПОДОБРУВАЊЕ НА СИТУАЦИЈАТА ВО ЗАТВОРИТЕ ВО ШТИП, ПРИЛЕП И ШУТКА, НО ВО ИДРИЗОВО ВЛАДЕЕ КОРУПЦИЈА, СЕ ВЕЛИ ВО ИЗВЕШТАЈ НА СОВЕТОТ НА ЕВРОПА

    ИМА ПОДОБРУВАЊЕ НА СИТУАЦИЈАТА ВО ЗАТВОРИТЕ ВО ШТИП, ПРИЛЕП И ШУТКА, НО ВО ИДРИЗОВО ВЛАДЕЕ КОРУПЦИЈА, СЕ ВЕЛИ ВО ИЗВЕШТАЈ НА СОВЕТОТ НА ЕВРОПАСериозната пренатрупаност во затворот Идризово ги влошува проблемите. (Фото: Народен правобранител)

    Има подобрување на ситуацијата во затворите во Шутка, Штип и Прилеп, но ситуацијата во затворот Идризово останува алармантна, се вели во извештајот од периодичната посета на Европскиот комитет за превенција на тортура и нехуман или деградирачки третман или казна (ЦПТ) при Советот на Европа, објавен денеска по посетата во октомври 2023 година.

    „Ситуацијата во затворот Идризово останува алармантна. Во извештајот се нагласени физичкото злоставување од страна на персоналот и пролонгираната изолација на проблематичните затвореници, високо ниво на насилство меѓу затворениците и нехигиенските и небезбедните услови. Сериозната пренатрупаност во затворениот дел ги влошува овие проблеми. Дополнително, распространетата корупција на персоналот и фаворизирањето го поткопуваат исправното функционирање на затворот и тоа резултира со тоа најобесправените затвореници да бидат држени во најлоши услови“, се вели во соопштението за извештајот.

    Во извештајот се вели и дека здравствената заштита во затворите останува неадекватна, со недоволно персонал, слаб медицински скрининг на новите затвореници и несоодветно менаџирање на затворениците зависници.

    ЦПТ смета дека стратешката реформа на затворскиот систем треба да се фокусира на искоренување на корупцијата кај персоналот и професионализација на затворскиот менаџмент преку транспарентни, мериторни и аполитички назначувања, како и осигурување на почитување на хиерархиската поставеност во затворската администрација.

    Во делот на извештајот за психијатриските установи, ЦПТ забележува дека во двете посетени установи, Демир Хисар и Демир Капија, пациентите генерално се третираат коректно. Но, има критика за Демир Капија, каде што е забележано врзување на пациенти за кревет со метални синџири, што може да се смета како нехуман и деградирачки третман и мора да престане веднаш.

    Во врска со однесувањето на полицијата со лицата лишени од слобода, ЦПТ вели дека примиле голем број на жалби за злоставување од страна на полицијата при апсењето или испрашувањето во полициските станици. Оттаму, ЦПТ во извештајот ги повикува властите конечно да усвојат кохерентна стратегија за справување со овој феномен.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира