ИМА ПОТЕШКОТИИ СО ЕДНА ЗЕМЈА ЧЛЕНКА ЗА ПОЧЕТОК НА ПРЕГОВОРИТЕ СО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА, НО И ТАА КАЖА „ДА“ ВО МАРТ, ВЕЛИ ГЕРМАНСКАТА АМБАСАДОРКА АНКЕ ХОЛШТАЈН

    ИМА ПОТЕШКОТИИ СО ЕДНА ЗЕМЈА ЧЛЕНКА ЗА ПОЧЕТОК НА ПРЕГОВОРИТЕ СО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА, НО И ТАА КАЖА „ДА“ ВО МАРТ, ВЕЛИ ГЕРМАНСКАТА АМБАСАДОРКА АНКЕ ХОЛШТАЈНВо однос на проширувањето на ЕУ, нашата најважна цел е одржувањето на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија, вели германската амбсадорка Анке Холштајн. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Билатералните спорови треба да се решаваат билатерално и не ѝ припаѓаат на преговарачката рамка на ЕУ, вели германската амбасадорка во Скопје Анке Холштајн, во интервју за САКАМДАКАЖАМ.МК. Таа вели дека заедничка цел на Северна Македонија и Германија е првата меѓувладина конференција да се одржи до крајот на годината, за време на германското претседателство со ЕУ.

    Пред да дојде во Скопје во јули, Холштајн беше амбасадорка во Џибути, а претходно беше заменичка амбасадорка во Албанија и во Словенија.

    • Дали се реални очекувањата на македонската Влада првата меѓувладина конференција да биде организирана токму за време на германското претседавање со Советот на ЕУ?

    Тоа е повеќе од само очекувања. Тоа е заедничка цел, цел што Северна Македонија и Сојузна Република Германија ги обединува. Секако, најпрвин треба да завршат дискусиите околу преговарачката рамка и неопходно е да се постигне единство во однос на преговарачката рамка внатре во Европската унија. Штом ќе постигнеме единство, тогаш може да се одреди и датум. Во моментов имаме тешкотии со една земја-членка, но и таа е врзана за зборот „Да“ од март оваа година. И не само тоа. Целиот процес на придвижување кон ЕУ на целиот регион е во интерес и на таа земја-членка која отсекогаш била голем поддржувач на тој процес.

    • На вашето гостување на седницата на Владата на Република Северна Македонија на 5 август кажавте дека Германија смета оти преговарачката рамка за Северна Македонија за членство во ЕУ не треба да се усложнува со билатерални прашања кои останува да се решаваат меѓу засегнатите земји одделно. Дали и другите земји од ЕУ го делат тој став?

    Билатералните спорови треба да бидат решени билатерално и не ѝ припаѓаат на преговарачката рамка. Освен дотичната земја-членка сите останати имаат единствено мислење околу тоа. Поради заедничкиот интерес и понатаму да се напредува – а тој интерес ја има и дотичната земја-членка – сум оптимистична.

    • Кои се главните цели во програмата на Германија во политиката за проширување на ЕУ и какви се перспективите за пристапување на земјите од Западен Балкан, со оглед на новата методологија за пристапни преговори?

    Во однос на проширувањето нашата најважна цел е одржувањето на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија и, ако се исполнат условите, и со Албанија. На тоа моментално работиме со сиот ангажман.

    • Вашиот претходник амбасадорот Томас Герберих најави дека Германија има намера за време на претседателството со ЕУ да се посвети и на темата млади, иселување и демографска ситуација во земјите од Западен Балкан и во таа насока планира да организира конференција од висок ранг во Берлин на крајот од октомври, за да се започне дијалог за поконкретно да се истражат причините за иселување и да се развијат стратегии за справување со проблемот на начин кој ќе биде од корист за двете страни. Има ли некакви промени на тој план поради ковид кризата?

    Точно е дека планираме да се занимаваме со темата миграција вклучувајќи ги и демографската ситуација, одливот на мозоци и генерално младината. Кон крајот на октомври во Берлин планираме да организираме конференција, а за првиот ден поканети се и министрите за надворешни работи на регионот. Потоа, заедно и со млади луѓе кои стекнале позитивни искуства со миграција сакаме да дискутираме како е можно евентуално да се дојде до вин-вин ситуација.

    Досега Германија го поддржа регионот со 5 милиони евра. Дополнителни 10 милиони евра се во фаза на планирање. Не треба да се заборави дека ЕУ стави на располагање 3,3 милијарди евра помош, а од таа сума околу една третина се средства од германските даночни обврзници. – Германската амбасадорка Анке Холштајн (Фото: Ѓ. Личовски)

    • Берлинскиот процес почна со агенда на патно поврзување и се прошири со создавање на регионална економска зона. Кои се следните чекори на оваа германската иницијатива поврзана со проширувањето на ЕУ во период на ковид и пост ковид криза, посебно што годинава е заедничко македонско-бугарско претседателство?

    Ќе морам малку да ве коригирам. Големиот чекор напред на самиот почеток на Берлинскиот процес беше тоа што тој за прв пат ги седне на иста маса Косово и Србија и тоа и со табли на кои беа испишани имињата на двете земји, а и двете државни знамиња за прв пат заедно беа истакнати.Тоа беше голем напредок кој всушност и го овозможи процесот на дијалог. Уште на почетокот се размислуваше како да ги споиме младите од регионот и од тоа произлезе организацијата РИКО (Regional Youth Cooperation Offices/Регионална младинска организација за соработка). Во меѓувреме РИКО прерасна во извонредна младинска организација која ги поврзува младите во целиот регион. Третата тема на самиот почеток беше инфраструктурното поврзување, а во годините што следеа се наметне и темата за дигитализација, на пример во врска со намалување на трошоците за роаминг односно тие целосно да се укинат. Тоа се видливи резултати од Берлинскиот процес. Економската соработка е од посебно значење за регионот. Меѓусебната трговија не е на завидно ниво поради одредени пречки. Но, постои потенцијал да се создаде заеднички економски простор кој би донел пазарни предности за регионот.

     

    • Германија донираше 152.000 евра на четири јавни здравствени установи во земјава како поддршка во справувањето со пандемијата на коронавирусот. Како се справува Македонија со кризната состојба и како може Германија како еден од нашите најважни партнери да даде поддршка на земјава во справувањето со последиците од ковид кризата?

    Општо, сметам дека Владата, а особено и министерот за здравство, добро си ја вршат работата. Би сакала да ја користам приликава и да апелирам до граѓанките и граѓаните на Северна Македонија да ги почитуваат мерките, пред сѐ онаму каде што е потребно да се носи маска, и тоа на правилен начин. Германската амбасада уште пролетва ја поддржа македонската Влада во борбата со пандемијата. Таа поддршка ја дополнивме со мерката што вие ја споменавте. Досега Германија го поддржа регионот со 5 милиони евра. Дополнителни 10 милиони евра се во фаза на планирање. Не треба да се заборави дека ЕУ стави на располагање 3,3 милијарди евра помош, а од таа сума околу една третина се средства од германските даночни обврзници.

    • Германија е најголем трговски партнер, а во земјава е активна Делегацијата на германското стопанство. Во земјава има околу 200 германски компании, кои вработуваат околу 20 илјади луѓе, а трговската размена меѓу двете земји достигна 4 милијарди евра, со голем суфицит на македонска страна. Кои се потенцијалите за унапредување на економската соработка меѓу двете земји?

    Начелно, Северна Македонија е интересна дестинација за германските инвеститори. Земјата нуди многу атрактивни фактори кои се важни за една инвестиција. Тоа што ги лимитира потенцијалните инвеститори е достапноста на квалификувана работна сила. Мора да се стори повеќе во областа на професионалното образование. Во тој поглед Германија го разви многу успешниот така наречен модел на дуално професионално образование кој стана „извозен хит“. Што се однесува до промената на синџирот на добавувачи поради коронакризата, сметам дека тоа може да биде голема можност за Северна Македонија. Фирмите ќе се насочат кон тоа, одреден дел од своето производство да го донесат поблиску до своите главни седишта (мајката-фирма) или, во случај на аутсорсинг во странство, тоа да биде во близина. Во врска со тоа, Северна Македонија има одлична местоположба во секој поглед.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира