ИМАМ ДЕВОЈКА, КОНТАКТИРАМЕ ПРЕКУ ТЕЛЕФОН НА ВОСПИТУВАЧОТ, СЕ РАДУВАМ ШТО ЌЕ СИ ОДАМ И ЌЕ ЈА ВИДАМ, ВЕЛИ ШТИТЕНИКОТ ОД ВП ДОМ „ТЕТОВО“ КЕНАН АЛИОВ, КОЈ ВНАТРЕ СЕ ЗДОБИЛ СО СЕРТИФИКАТ ЗА 4 ЗАНИМАЊА

    ИМАМ ДЕВОЈКА, КОНТАКТИРАМЕ ПРЕКУ ТЕЛЕФОН НА ВОСПИТУВАЧОТ, СЕ РАДУВАМ ШТО ЌЕ СИ ОДАМ И ЌЕ ЈА ВИДАМ, ВЕЛИ ШТИТЕНИКОТ ОД ВП ДОМ „ТЕТОВО“ КЕНАН АЛИОВ, КОЈ ВНАТРЕ СЕ ЗДОБИЛ СО СЕРТИФИКАТ ЗА 4 ЗАНИМАЊАВо подкастот, Алиов повеќепати се извини на сопствениците на дуќани што ги оштетил, но и на мајка му на која рече ќе ѝ надомести за сето патење поради него. (Фото: СДК.МК)

    По безмалку три години поминати во Воспитно-поправниот дом „Тетово“, Кенан Алиов си заминува дома да ја гушне првин слободата за која во подкастот „За секого по нешто“ вели дека нема цена, а потоа мајка си и девојката од Велес со која контактирал преку мобилниот телефон на еден од воспитувачите.

    Тој како и сите штитеници кои ја отслужиле казната во воспитно-поправниот дом е пред една голема неизвесност – дали ќе најде работа? Дали општеството ќе го прифати? Како ќе се снајде во надворешниот свет сега кога не е тоа изгубеното дете кое крадело за возрасни ментори и сега кога е описменето момче, квалификувано за 4 занимања за кои има државни сертификати?

    Подкастот можете да го гледате тука:

    Во подкастот што го направивме во собата за посети во Домот, ни раскажуваше како е внатре во затворената установа, што прават тој и останатите 20-ина деца и момчиња, како изгледа воспитно-поправниот процес. Кажа дека му е тешко што ќе ги остави другарите, а уште потешко тие што го извеле на прав пат и кои сиве овие месеци му биле родители и семејство: директорот, психологот, воспитувачите и полицајците во установата.

    „Кога дојдов, не знаев името да си го напишам. Тука се описменив, се научив да кажам Извини и Добар ден, но научив и да молерисувам, да плетам завеси, да работам како водоинсталатер. Сега знам и основни вештини на компјутер. Многу сум благодарен. Се чувствувам силен да работам. Сакам да работам и да имам свој леб, зашто не сакам да го крадам туѓиот како порано“, вели Кенан, кој се надева дека некој ќе има слух и ќе го повика на работа.

    Во подкастот тој повеќепати се извини на сопствениците на дуќани што ги оштетил, но и на мајка му на која рече ќе ѝ надомести за сето патење поради него.

    Директорот Даниел Антоски гарантира дека децата кои престојувале во ВП Дом „Тетово“ се спремни физички и психички да почнат да работат и да заработуваат плата во дејностите: молерство и фарбање, столарство и монтажа на пвц-прозорци, како и водоинсталатерство, за кои добиле сертификати кои важат на државно ниво. Има деца кои се обучиле во Домот и добиле државни сертификати за на пазарот на трудот и за: готвачи, плетачи на завеси, бербери, градинарство и хортикултура и за други занаетчиски активности.

    Овие деца со специјални курсеви се обучени и за основни компјутерски вештини ворд и ексел, а секое од нив е описменето и знае да си направи си-ви.

    Антоски апелира до општините, градоначалниците и до центрите за социјална работа да немаат предрасуди и да им пружат рака на овие деца кои згрешиле како малолетници, но си ја отслужиле казната. Бара од луѓето да немаат предрасуди кон нив и да ги интегрираат по излегувањето од вратата на Воспитно-поправниот дом.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира