„Хеленик петролеум“ има големи планови за „Окта“, но чека на новата влада во Македонија за да почне да ги реализира, вели генералниот директор на грчката компанија Григорис Стериулис. „Хеленик петролеум“ планира да направи од „Окта“ регионален енергетски центар и за тоа да се случи, првин мора да профунцкионира нафтоводот Скопје-Солун, кој е во мирување веќе две години.
Стериулис вели дека од нивна страна постои силна волја да се седне со новата влада во Македонија и да се разговара за сите детали.
„Новата влада е повеќе од добредојдена, очекуваме покана да седнеме на маса и да ги решиме проблемите како што тоа го прават добри соседи. Имаме бизнис план и подготвени сме реално да преговараме со вистинските луѓе за доброто на нашите земји. Имаме дијамант, а не го користиме“, вели првиот човек на „Хеленик петролеум“.
Според него, ако профункционираат нафотоводот и „Окта“, Македонија ќе има многу повеќе да добие од неговата компанија.
„Од наша гледна точка, ние продаваме продукти во вашата земја и немаме многу што да добиеме. Вашата земја е таа што ќе добие, бидејќи рафинеријата (Окта, н.з.) постепено ќе биде претворена во регионален енергетски центар, што ќе ни овозможи да извезуваме во околните земји и тоа ќе биде најголема придобивка од оваа операција“, вели Стериулис.
Тој потврди дека „Окта“ ќе се трансформира во дистрибутивен центар за нафта и нафтени деривати, бидејќи реактивацијата на рафинеријата е прескапа опција, поради застарената технологија.