ИМАМЕ ДВАЈЦА ДИПЛОМАТИ ВО МОСКВА, СЕ НАДЕВАМ ДЕКА НЕМА ДА БИДАТ ПРОТЕРАНИ, КАЖА МИНИСТЕРОТ ОСМАНИ

    ИМАМЕ ДВАЈЦА ДИПЛОМАТИ ВО МОСКВА, СЕ НАДЕВАМ ДЕКА НЕМА ДА БИДАТ ПРОТЕРАНИ, КАЖА МИНИСТЕРОТ ОСМАНИДоколку Русија одлучи да врати во иста мерка за протерувањето на дипломат од Руската амбасада во Скопје, тогаш можно е Македонската амбасада во Москва да остане без ниту еден дипломат. (Фото: СДК.МК)

    Министерот за надворешни работи Бујар Османи се надева дека протерувањето на рускиот дипломат нема да влијае за влошување на односите меѓу земјава и Руската Федерација.

    Министерството за надворешни работи во вторникот донесе одлука за протерување на руски дипломат поради, како што кажа Османи, однесување несоодветно со дипломатскиот статус, по спроведена сеопфатна истрага. Руското МНР најави контрамерки, оти протерувањето на рускиот дипломат го смета за непријателски чин кој ќе влијае на односите меѓу двете држави.

    Во моментов, Македонија во амбасадата во Москва има двајца претставници односно в. д. амбасадор и уште еден дипломат. Доколку Русија одлучи да врати во иста мерка, тогаш можно е амбасадата да остане без ниту еден дипломат.

    „Немаме информација дека наш дипломат ќе биде протеран од Москва. Се надевам дека оваа одлука нема да влијае во влошување на односите меѓу двете држави, но се разбира дека државите ги имаат таквите инструменти да донесат такви одлуки. Оваа одлука не е поврзана со нашите односи со Руската Федерација, иако се случува во момент кога ние се солидаризираме со нашите сојузници во однос на одредени однесувања на Руската Федерација. Ние сме сојузници со 29 земји членки на НАТО и сојузништвото се гради со активен придонес и солидаризирање. Овој процес на протерување е поврзан директно со прекршување на правилата на дипломати“, кажа министерот Бујар Османи одговарајќи на новинарско на денешната прес-конфереција.

    За функцијата амбасадор во Русија, Министерството за надворешни работи го назначи Ненад Колев, кој ги поминал сите филтри, останува уште интервјуто во Комисијата за надворешни работи во Собранието.

    „Го повикувам претседателот на Комисијата Антонијо Милошоски да свика седница. Не е само Колев, уште четворица амбасадори не можат да заминат на должност поради несвикување на седницата“, рече Османи.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира