Владиниот портпарол Миле Бошњаковски денеска кажа дека институциите имаат капацитети за отпочнување на преговорите со ЕУ, иако министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски пред две недели рече дека Владата е сериозно загрижена дали државата има капацитет.
„Се разбира дека имаме капацитети, тимовите се формирани, таму каде што има празни места се дополнуваат. Но нема никакви пречки или индиции дека нешто ќе биде одолговлекувано заради преговарачките тимови имаме капацитет и ќе ги направиме сите процеси како што треба“, кажа Бошњаковски на прес-конференција, одговарајќи на новинарско прашање.
Тој вели и дека засега нема промени во однос на датумот за отпочнување на преговорите, но дека во овој период мора да се донесе и Законот за Јавно обвинителство со кој се регулира работата на СЈО.
„Датумот останува, се надеваме дека ВМРО-ДПМНЕ ќе има разбирање за целиот процес и во зададените рокови ќе биде донесен законот со кој се регулира работата на СЈО“, рече Бошњаковски.
На 12 април, министерот Манчевски во Брисел кажа дека Владата е сериозно загрижена дали државата има капацитет за следните покрупни фази од преговорите со ЕУ и апелираше до сите чинители во или надвор од јавната администрација да се вклучат во претстојниот преговарачки процес со ЕУ.
„Иако засега нема проблеми во однос на подготвителниот скрининг владата е сериозно загрижена за следните покрупни фази од преговарачкиот процес. Апелирам до сите граѓани, експерти, луѓе, кои работат во невладин сектор, во приватни компании, да размислат да се вклучат во овој процес. Ни требаат сите можни ресурси, ние ги немаме многу“, кажа Манчевски.
Министерот вели дека она што е проблем, а за што и јавноста е свесна, е дека иако бројот на вработени во јавниот сектор е прилично голем, вистинската јавна администрација е мала, односно дека тоа се 128 институции на централната власт, а дека таму има едвај 16.000 луѓе.
„Во министерствата каде што е главниот товар на преговори, скрининг, реформи се едвај над 4.000. Кога зборувам за мотивација на луѓе да се нафатат за оваа работа, не само за луѓе од надвор, кога зборуваме за преговарачка структура, зборуваме за еден пакт од луѓе од внатре прво, но зборуваме дека ќе треба и дополнителен капацитет, може и од некоја институција да дојде. Апелирам до тие што од која било причина се разотишле да размислат да се вратат, откако ќе добијат конкретна концептна понуда. Апелирам до нив, а концептот ќе го понудиме до средината на мај“, вели Манчевски.