ИМАТЕ ТЕЛЕВИЗОР ВО ШТАБОТ НА МВР, ТРЕБА ЛИ НЕКОЈ ДА ВИ КАЖЕ ПРЕКУ СРЕБРЕНИ И БРОНЗЕНИ КОМАНДИ ДЕКА СЕ ВЛЕГУВА ВО СОБРАНИЕТО, ПРАША СУДИЈКАТА КАЦАРСКА СВЕДОК ОД МВР ЗА 27 АПРИЛ

    ИМАТЕ ТЕЛЕВИЗОР ВО ШТАБОТ НА МВР, ТРЕБА ЛИ НЕКОЈ ДА ВИ КАЖЕ ПРЕКУ СРЕБРЕНИ И БРОНЗЕНИ КОМАНДИ ДЕКА СЕ ВЛЕГУВА ВО СОБРАНИЕТО, ПРАША СУДИЈКАТА КАЦАРСКА СВЕДОК ОД МВР ЗА 27 АПРИЛНареден да сведочи е поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски. - Од нападот на Собранието на 27 април лани (Фото: СДК.МК)

    Судењето за организираниот напад во Собранието на 27 април лани денеска продолжи со сведочењето Тони Алексовски, началник во МВР. Сведокот Алексовски е на предлог на Душко Лазаров, еден од 33-та обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Иако бил член на оперативниот штаб, на чие чело беше обвинетиот Митко Чавков, тој на 24 април лани заминал на годишен одмор, па го вратиле на 27 април околу 21 часот.

    „Имате телевизор во оперативниот штаб на МВР, така? Дали треба хиерархиски некој да ви кажува преку тие сребрени и бронзени команди, кога гледате дека се кршат огради, врати, се влегува во Собрание?“, го праша судијката Добрила Кацарска Алексовски.

    „Сè е во рацете на полицијата на терен. Ако им треба помош, треба да побараат“, одговори сведокот.

    „Дали оние неколкумина полицајци во Собранието на 27 април можеа да го спречат влегувањето на стотици граѓани и да ги одбранат пратениците од нападите?“, продолжи да прашува таа.

    На прашањето на Кацарска, Алексовски одговори: „За масовноста на полицајците одговорен е началникот на СВР Скопје, а за зајакнување на бројот на специјалците, раководителите на штабот, т. е. златната команда“.

    „Уште еднаш прецизно: Кој беше носител на златна, кој на сребрена, кој на бронзена команда на 27 април?“, праша Кацарска.

    „Одговорен за јавниот собир во СВР Скопје беше Зоран Станчевски. Тој би бил бронзена команда. Началникот на СВР Скопје би бил сребрена. Златна команда си останува Митко Чавков“, одговори Алексовски.

    „Како може во Жена-парк да се шетаат маскирани лица и при постоење на оперативен штаб никој да не ги види и да не преземе ништо?“, бараше судијката појаснување од сведокот.

    „Тие службени лица кои биле на терен, требало да му јават на оперативниот штаб“, рече сведокот.

    По паузата, ќе сведочи Трајко Вељаноски, претседавач на Собранието на 27 април лани.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира