Убиeцот на Росица и на нејзиниот татко има име и презиме и се вика неодговорност и корупција, рече поранешната претседателка на Антикорупциска комисија Билјана Ивановска. Таа денеска се појави како кандидатка за градоначалничка на Општина Центар од граѓанската иницијатива „Независни заедно“ пред зградата на Министерството за внатрешни работи и побара темелна и професионална истрага за овој случај.
„За жал корупцијата во нашата држава е присутна во сите пори во општеството, а државата треба да преземе мерки да ги раскине тие заднинско-политички мрежи коишто придонесуваат корупцијата да биде во постојан пораст. За тоа е потребна волја и тоа не само политичка, туку многу повеќе и граѓанска волја. Нашите заложби се насочени кон тоа да дејствуваме во насока на надминување на слабостите коишто придонесуваат да имаме високо ниво на корупција во државата“, рече Ивановска.
31-годишната Росица Коцева и нејзиниот татко беа убиени на 15 септември од нејзиниот поранешен партнер Илија С. од Скопје. Потоа тој се самоуби. Росица неколку пати пријавувала во полиција дека поранешниот партнер ѝ се заканувал, а ја запалил и колата на татко ѝ.
А. АНТЕВСКА