Азир Алиу, поранешниот министер за информатичко општество и администрација од претходната Влада на СДСМ и ДУИ, е предлог за нов министер за здравство, кажа денеска вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити.
На 12 мај, лидерот на Алијанса на Албанците Арбен Таравари соопшти дека партијата оди во опозиција, а со тоа и престана неговата функција како министер за здравство. По заминувањето на Алијансата за Албанците на Таравари од Коалицијата „Вреди“, сопартијците на Таравари, како што се Арбен Фетаи и Азир Алиу, останаа дел од Коалицијата „Вреди“.
Меџити вчера, по состанокот на Коалицијата „Вреди“ кажа дека Фетаи ќе остане заменик-претседател на Владата за добро владеење, додека Коалицијата за министер за здравство ќе го предложи Алиу.
На денешната промоција на најновиот концепт за споделување возила, Меџити рече дека деновиве се комплетира листата и со членови на Владата и со заменици и со други позиции.
На новинарско прашање дали Алиу ќе биде добар министер за здравство, со оглед на тоа дека е доктор на информатички науки, Меџити рече:
„Министерот треба да биде добар менаџер кој што го познава системот, кој може да придонесе за подобро управување во тој ресор. Имало примери и во минатото и сега. Мислам дека Азир Алиу е добар и најдобар предлог за таа позиција“, рече Меџити.
Б. НЕСТОРОСКА