„Ние не смееме да бидеме избришани од најважната алка во еден демократски систем, образованието“, „Нема да нѐ снема“, беа дел од пораките и слоганите на денешната Парада на гордоста, која по 6. пат се одржува во Скопје. Протестниот маршот тргна од паркот Жена-борец, помина пред Собранието, Министерството за образование и наука и заврши пред Владата.
Годинава слоганот е „Да (оп)стоиме, заедно“, а главната порака беше упатена кон Министерството за образование и наука (МОН), бидејќи, како што велат организаторите, преку скратена постапка и тивка цензура, ги отстрани единствените механизми што овозможуваа ЛГБТИК+ младите да бидат видени, препознаени и заштитени. Тие велат дека од законите за основното и за средното образование, како и Законот за учебниците, се тргнати термините „род“, „родов идентитет“ и „сексуална ориентација“, како основи за дискриминација, како и дека е отстранет терминот „родова еднаквост“.
„Се спротивставуваме на мизогинијата и на хетеропатријархалната демографска хистерија којашто се промовира од највисоките ешалони на власта. Се спротивставуваме на премиерот, гласноговорник за идеолошка индоктринација во образованието, во која нема место за критичко мислење и родова еднаквост, кој врши организиран напад врз секој што не се вклопува во неговата нуклеарно-семејна фантазија. Кога државата активно повикува на пораст на наталитетот, на што порано отпочнување семејство и на раѓање повеќе деца, ‘непослушните’ квир тела се перципираат како закана за ваквата демографска политика. Тие се претворени во системска аномалија, жртвени јарци и замислени непријатели што ја загрозуваат нацијата и ‘нормалноста’“, се вели во Манифестот на Парадата на гордоста.
„Повеќе не прифаќаме бирократски ‘пропусти’ како двегодишното влечкање на Законот за правно признавање на родот, кој иако е поднесен од седум пратенички, веќе две години е заклучен во фиока, без јавна расправа и натамошно постапување. Ова не е бирократски пропуст, туку свесна одлука на државата да ја продолжи неправдата врз транс луѓето, кои и понатаму се приморани да живеат без правна потврда за својот идентитет. Ова е институционално насилство, со кое државата не само што не ги штити, туку активно ги понижува и брише транс луѓето од јавниот и правниот поредок. Секоја одложена одлука е уште еден живот во невидливост и понижување. Тоа не е неутралност – тоа е соучесништво“, севели во Манифестот.
„Цврсто застануваме во одбрана на нашите транс другар(к)и коишто се мета на оркестриран напад од страна на анти-родовите здруженија што сеат морална паника, страв и омраза преку противнаучни и изманипулирани информации. Гласно се противиме на ваквите популистички и кусогледи политики коишто ЛГБТИК+ луѓето, и особено квир младите, ги изложуваат на дискриминација, насилство и нарушено здравје, ги туркаат во изолација и немаштија и ги тераат да си заминат од државата“, стои меѓудругото во Манифестот на Парадата на гордоста.
Првата Парада на гордоста се одржа во 2019, а втората во 2021 по паузата поради ковид кризата.