Интернет сервисот moeosiguruvanje.fzo.org.mk, на кој осигурениците на Фондот за здравствено осигурување може да проверат дали им е уплатено здравственото осигурување и дали има промени во делот на избрани лекари, повеќе од една недела е небезбеден, односно при обидот за пристап интернет јавува дека оваа конекција не е приватна.
Пристап до веб сервисот има, но интернет повторно предупредува дека врската не е безбедна. Вакво предупредување интернет праќа за сите веб страници и веб сервиси кои немаат сертификат за заштита, а споделуваат лични податоци од луѓето.
На веб сервисот „Моеосигурување“ покрај името и презимето на осигуреникот, има податоци за адресата на живеење, фирмата во која е вработен, а за пристап до неа, осигуреникот остава матичен број.
Во случајов осигуреникот не пристапува до дата базата на Фондот за здравствено осигурување, туку само до сликата за неговите лични податоци. Но, и во овој случај можна е злоупотреба на неговите лични податоци, доколку тоа го прави преку компјутер кој е во мрежа со други.
Дел од осигурениците кои редовно го користат овој веб сервис за да проверат дали им е платено здравственото осигурување, велат дека откако се појавило предупредувањето дека конекцијата со Моеосигурување е небезбедна, веќе не ја користат.
Гоце Гаврилов, директор на сектор информатика во ФЗОМ, вели дека ССЛ сертификатот за безбедност на сервисот moeosiguruvanje.fzo.org.mk истекла пред неколку дена и дека поради тоа се јавува порака дека сервисот е небезбеден.
„Во фаза сме на разрешување и надминување на проблемот. Самата процедура на издавање и обнова на ССЛ сертификати од издавачите е процес, кој подложи на одредени проверки на институцијата која го побарува. Од овие причини сервисот неколку дена е во таква состојба. Сертификатот нѝ е издаден и во моментот работиме на инсталирање на сервисот на нова опрема, за да се зголеми достапноста и редундантноста, а истовремено и инсталирање на ССЛ сертификатот“, вели Гаврилов.
Тој кажа дека ФЗОМ за сите свои сервиси, како и за овој користи сертификати со повисоко ниво на енкрипција и заштита на податоците од оние што ги користат обичните веб страници.
„Проблемите очекуваме да се надминат најдоцна до понеделник“, вели Гаврилов.
Е. БОЧВАРОСКА