ИРЕНА РИСТИЌ БИЛА ОДНЕСЕНА ВО БАРДОВЦИ ОТИ ОДБИЛА АЛКОТЕСТ, ВЕЛАТ ОД МВР, ТАА ВЕЛИ ЧИСТЕЛА ПИКАВЦИ ПРЕД ВЛАДА

    ИРЕНА РИСТИЌ БИЛА ОДНЕСЕНА ВО БАРДОВЦИ ОТИ ОДБИЛА АЛКОТЕСТ, ВЕЛАТ ОД МВР, ТАА ВЕЛИ ЧИСТЕЛА ПИКАВЦИ ПРЕД ВЛАДАИрена Ристиќ е истакната активистка за заштита на правата на животните, а изминатиов период е дел од акцијата „Не биди ѓубре“. Актерката во акција за чистење на дворот на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ - (архивска фотографија К. Попов)

    Министерството за внатрешни работи поднесе прекршочна пријава против актерката Ирена Ристиќ според член од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, кој предвидува дека на лице кое „на јавно место се оддава на пијанство или во пијана состојба го нарушува јавниот ред и мир ќе му се изрече глоба во висина од 100 до 400 евра во денарска противвредност“.

    Актерката Ристиќ, која е познат граѓански активист, на својот профил на Фејсбук утрово објави дека ноќеска била приведена во полициска станица и однесена во Психијатриската болница во Бардовци. Таа напиша дека била приведена оти чистела пикавци од скапи цигари пред Владата и се пожали дека десетина полицајци и полицајки грубо се однесувале кон неа и ја омаловажувале.

    Ристиќ е вработена актерка во Драмски театар. Таа е истакната активистка за заштита на правата на животните, а изминатиов период е дел од акцијата „Не биди ѓубре“, во која јавни личности чистат отпадоци на јавни површини.

    Во билтенот на МВР е регистриран случајот, дека синоќа по полноќ на булеварот „Илинден“ Ристиќ заедно со уште едно лице „го нарушиле јавниот ред и мир на тој начин што викале на висок тон и дрско и непристојно се однесувале“.

    По непристојното однесување, лицата биле приведени во Полициската станица Центар за понатамошна постапка, стои во билтенот на МВР.

    „И. Р. (43) одбивала да и биде извршено алкотестирање и поради тоа била однесена во Ургентен центар при комплексот Клиники ‘Мајка Тереза’ за да ѝ биде земена крв и урина за анализа за присуство на алкохол. Таа, исто така, одбила да даде крв, по што била однесена во ЈЗУ Психијатриска болница – Скопје, со цел добивање на мислење од стручно лице врз основа на надворешните манифестации и симптоми на лицето. После тоа, И. Р. била вратена во Полициската станица Центар и во 04.30 часот била ослободена“,  стои во билетнот на МВР.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира