Истражувачката документарна емисија „Нечиста крв“, во продукција на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) и Македонскиот јавен сервис (МРТВ), ја доби наградата за истражувачко новинарство „Глобал шајнинг лајт“ (Global Shining Light Award) на 13. Глобална конференција за истражувачко новинарство (GIJN) во Гетеборг, Шведска. ИРЛ е првиот македонски медиум кој досега бил номиниран и ја добил оваа награда, за која годинава конкурираа рекорден број од 419 учесници од 84 земји.
Сторијата, емитувана на МТВ1 и на веб-страницата на ИРЛ, обелоденува загрижувачки податоци за начинот на којшто се третирале пациентите во една од приватните болници во Македонија за време на пандемијата со ковид-19.
Номинациите беа во две категории, големи редакции кои имаат над 20 членови во тимот и мали редакции со помалку од 20 членови. Глобалната мрежа за истражувачко новинарство одлучи во двете категории да додели по две први награди и по еден сертификат во секоја категорија. „Нечиста крв“ на ИРЛ е првонаградена во категоријата „мали и средни медиуми“ меѓу 6 финалисти заедно со Вјуфајндер од Јужна Африка со сторијата „Над законот“.
„Ова е прво вакво признание за работа на новинари од Македонија и горди сме што можеме да ја претставиме работата на македонските новинари во вакво светло и во ваква конкуренција. Наградата е особено значајна затоа што ги слави новинарите кои работат во тешки и опасни услови и во непријателска околина. Балканските организации ретко добиваат вакви признанија, всушност досега оваа награда ја добила само една организација, што не прави уште посреќни, но и обврзани да продолжиме со оваа работа без разлика на тоа колку е голем предизвикот“, рече Сашка Цветковска главна и одговорна уредничка на ИРЛ.
За доделувањето на наградите одлучуваа искусни истражувачки уредници и професори како Шејла Коронел, професорка по истражувачко новинарство на Факултетот за новинарство на Универзитетот Колумбија, Дејвид Ли, поранешен истражувачки уредник на „Гардијан“, Бенон Олука, уредник на GIJN Африка; мексиканската новинарка Марсела Турати и украинскиот тренер за развој на медиуми Олег Хоменок.
„Опасно време e да се биде истражувачки новинар и нашите победници покажаа дека со храброст, умешност и поддршка од граѓаните, можно е револуционерно известување и големо влијание и покрај ризиците. Ги поздравуваме овогодинешните наградени. Тие се инспирација за сите нас“, истакна претседателката на жири комисијата и професорка по истражувачко новинарство Шејла Коронел.