Исчезна најдолгиот функционерски назив во владата „вицепремиер задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси”, што беше измислен за Љупчо Николовски во 2019 година.
За Славица Грковска, која дојде на местото на Николовски, измислен е нов назив, т.е. преименуван во „вицепремиер задолжен за политики за добро владеење”.
Слично како и вицепремиерското место на Артан Груби „за политички систем и односи меѓу заедниците”, за кои активности постојат собраниски тела, така и ова на Грковска „за добро владеење” е без конкретни опишани дејствија и ингеренции.
Ковачевски место да скрати, го врати и укинатото Министерство за дијаспора, за да му даде плус уште едно место на новиот коалиционен партнер во власта Алтернатива, а Собранието, кое го има главниот и последниот збор, тоа го изгласа.
Најмногубројна влада беше онаа на Љубчо Георгиевски од 1998 година, која имаше 24 членови со ресор, додека најмала беше онаа на Бранко Црвеновски од 1994 година со 16 членови со ресор.
Првата влада по воведувањето на повеќепартиски систем, експертската на Никола Кљусев, имаше премиер, тројца вицепремиери и 15 министри со ресор, или вкупно 19 членови.
Од 17 до 19 членови имаа владите на Бранко Црвенковски од 1992 и 2002 година, Хари Костов од 2004 година, Владо Бучковски од истата година, Никола Груевски од 2006, 2009 и 2011 година, како и првата влада на Зоран Заев од 2017 година. Веќе втората влада на Заев, од 2020 година, порасна на 20 членови, а Владата на Димитар Ковачевски има 21.
С. К. ДЕЛЕВСКА