Камерите за аудиовизуелно и тонско снимање исчезнаа од главната судница во Основниот суд Скопје 1 за време на паузата на судењето на експремиерот Никола Груевски за насилството во Општина Центар и нарачаните шамари за ексградоначалникот Андреј Жерновски.
Тоа по паузата го забележа адвокатот на првообвинетиот Груевски. Откако судијата Душан Јосифов се увери дека камерите навистина ги нема, тргна да ги бара во која судница се. Тој само претпоставуваше кој колега ги земал, зашто претходно биле барани од него за друго судење.
Ова се единствените камери за судења во најголемиот суд, во кој е и Одделот за организиран криминал, а секое судење по закон, мора да се снима. Камерите ќе дојдат. Ги зела колешката Сафија Лаличиќ, рече судијата. По ова даде пауза.
Обвинетиот ексминистер Миле Јанакиески искоментира гласно: Дојде живот!, по што сите се смеејa.
С. К. ДЕЛЕВСКА