26-годишниот скопјанец Пино Секондо, кој се водеше како исчезнат од 11 декември, бил убиен и неговото тело било оставено во дупка и покриено со кебе во скопското село Љуботен, соопшти Основното јавно обвинителство Скопје. Од ОЈО Скопје велат дека имаат и осомничен за убиството, 27-годишен скопјанец, но тој е во бегство и засега е недостапен за органите на прогонот, а против него е отворена истрага за кривично дело Убиство.
„Осомничениот, 27-годишен жител на Скопје, делото го сторил на 11 декември 2018 година, околу 2 часот, откако претходно се сретнал со сега починатиот. Тие заедно со патничко моторно возило „Опел Аскона“ пристигнале во атарот на с. Арачиново во Скопје. Осомничениот извадил огнено оружје – пушка и го застрелал оштетениот во пределот на главата. Од нанесените повреди веднаш починал оштетениот П.С. 26-годишен жител на Скопје, кој непосредно по кривичниот настан беше пријавен од семејството и се бараше како исчезнато лице. По стореното дело, во обид да се скријат трагите, телото на починатиот било пренесено во с. Љуботен, каде е оставено во дупка и покриено со ќебе. Осомничениот се дал во бегство и во моментов е недостапен за органите на прогонот.“, се вели во соопштението на ОЈО Скопје.
Ценејќи дека се исполнети законските основи, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави Предлог за определување на мерката притвор против осомничениот.