ИСТРАГАТА ЗА ПОТКУП НА МЕДИУМИ СО 30 МИЛИОНИ ЕВРА ОД ВРЕМЕТО НА ГРУЕВСКИ СЕДИ ЗАКОЧЕНА, А ВЛАДАТА ПОДГОТВУВА ФОНД ЗА МЕДИУМИ ОД 2,5 МИЛИОНИ ЕВРА ГОДИШНО

    ИСТРАГАТА ЗА ПОТКУП НА МЕДИУМИ СО 30 МИЛИОНИ ЕВРА ОД ВРЕМЕТО НА ГРУЕВСКИ СЕДИ ЗАКОЧЕНА, А ВЛАДАТА ПОДГОТВУВА ФОНД ЗА МЕДИУМИ ОД 2,5 МИЛИОНИ ЕВРА ГОДИШНОЗНМ и ССНМ ја демантираа Владата дека тие побарале формирање фонд за помош на медиумите. - Новинари на прес-конференција пред Собранието (архивска фотографија)

    Истрагата за поткуп на медиуми со 30 милиони евра буџетски средства во времето на владата на Никола Груевски беше отворена во октомври 2018, но и две и пол години подоцна нема поднесено обвинение, а камоли да почне судење. Покрај експремиерот Груевски, осомничени во оваа истрага, наречена „Пропаганда“, се сè уште актуелниот директор на јавниот сервис МРТВ Марјан Цветковски, поранешниот генерален секретар на владата Кирил Божиновски и уште петмина други.

    Предмет на оваа истрага на поранешното СЈО беше влијанието врз јавното мислење и обезбедувањето контролиран проток на информации во средствата за јавно информирање со државни пари, а во насока на поддршка на делувањето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.

    Додека истрагата „Пропаганда“ седи закочена, Владата на Зоран Заев завчера најави дека подготвува воведување на некаков си медиумски фонд за истражувачко новинарство и за продукција на содржини од јавен интерес. Според најавата, овој фонд за медиуми би бил со вредност меѓу 1,5 и 2,5 милиони евра на годишно ниво.

    Во „Пропаганда“, Груевски и Божиновски се гонат затоа што во периодот од 2010 до 2015 со 30 милиони евра од буџетот купувале термини за телевизиско и радио емитување или, реемитување на спотови, за различни кампањи на Владата, повластувајќи медиуми кај кои можеле да влијаат на уредувачката политика и кои обезбедувале услуги и поддршка за нивната политичка партија.

    Во ноември 2019, „Призма“ објави дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ, предводена од Никола Груевски, им дала 25 милиони на телевизиите „Сител“, „Канал 5“ и „Алфа ТВ“, во периодот од 2010 до 2017 година,врз основа на податоците од владината датабаза „Отворени финансии“. Вкупно, владата на Груевски дала 26,6 милиони евра за рекламирање на телевизиите, но дури 25 милиони отишле кај овие три национални телевизии.

    Сега, од Владата велат дека средствата од т.н. медиумски фонд ќе се користат за поддршка за независни истражувачки новинарски проекти, за обуки и подигање на професионалните новинарски стандарди, како и за поддршка на домашна медиумска продукција од области од јавен интерес, како документарни, филмувани или новинарски содржини од областа на културата, спортот, екологијата, борбата против корупција, здравство и слични области од јавен интерес.

    Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) веднаш реагираа на оваа најава на владата и демантираа дека тие побарале формирање фонд за помош на медиумите. Оттаму велат дека ниту прифатиле, ниту побарале законски измени со кои што би се овозможил начин на директно истурање на јавни пари за владини кампањи во приватни медиуми.

    Дополнително, ЗНМ и ССНМ побараа од Министерството за економија да ги поништи тендерите за медиумска кампања вредни 200 илјади евра, предвидени за изработка на медиумска и комуникациска стратегија и за посредување на закуп на медиумскиот простор.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира