ИСУС И АПОСТОЛИTE СТОЈАТ НА ДРЖАВНАТА ЗГРАДА ЗА СТАНБЕН И ДЕЛОВЕН ПРОСТОР

    ИСУС И АПОСТОЛИTE СТОЈАТ НА ДРЖАВНАТА ЗГРАДА ЗА СТАНБЕН И ДЕЛОВЕН ПРОСТОРПокрај Исус Христос и апостолите, на зградата излеани во бронза стојат и Пресвета Богородица, Свети Јован Крстител и Свети Климент Охридски (Фото:Ѓ.Личовски)

    Скулптури на Исус Христос и неговите 12 апостоли стојат на куполата на новата барокна зграда на АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење за републиката.

    Скулптурите излеани во бронза веќе се поставени на зградата, која се наоѓа до новиот објект на Министерството за надворешни работи. Покрај Исус Христос и апостолите, на зградата стојат и Пресвета Богородица, Свети Јован Крстител и Свети Климент Охридски.

    „На куполата на објектот поставени се бронзени скулптури во исправена положба од кои 4 претставуваат скулптурални композиции на Господ Исус Христос, Пресвета Богородица, Свети Јован Крстител и Свети Климент Охридски, како и 12 други скулпптури кои ги претставуваат апостолите на Господ Исус Христос. Скулптурите се изработени според обележјата на христијанската култура, односно опфатени се мотиви од фрескописите на црквите и манастирите во Македонија“, велат од АД за стопанисување со станбен и деловен простор.

    Од кабинетот на новиот директор Кристијан Трајковски велат дека нема да прават измени во проектот односно дека објектот досега комплетно се изведува согласно основниот проект.

    Изградбата на зградата почна во септември 2015 година и е предвидено да чини околу 8,5 милиони евра. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Идејното решение за барокниот изглед на зградата е на архитектот Жарко Чаушевски, кој во рамките на проектот „Скопје 2014“ ги направи и идејните решенија за зградата на ЈП„Водовод и канализација“, фасадата на Владата, на Градскиот трговски центар како и дел од фасадите во центарот на градот.

    Изградбата на зградата на АД за стопанисување со станбен и деловен простор почна во септември 2015 година и е предвидено да чини околу 8,5 милиони евра. Објектот е на 6 ката, со 6.400 квадратени метри административен простор и 408 квадратни метри деловни простории.

    На поставување на камен темелникот пред две години на кој присуствуваше тогашниот премиер Никола Груевски, директорот Цветко Грозданов најави дека зградата ќе биде готова до крајот на 2017 година. Грозданов тогаш рече дека сега вработените работат во супстандардни услови во дотраени бараки изградени пред земјотресот и со изградба на новиот објект ќе се намалеле нерационалните трошења за вода, струја и греење.

    Од АД за стопанисување со станбен и деловен простор не прецизираат кога зградата ќе биде готова.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира