Италијанскиот амбасадор во земјава Андреа Силвестри кажа дека Италија отсекогаш го признавала македонскиот јазик. Тој во говорот на приемот по повод Денот на Републиката Италија кажа дека не постои друга иднина за Македонија и земјите од Западен Балкан која не е во Европската унија.
„Јазичниот диверзитет е препознатлив знак на Европската унија, а македонскиот јазик кој Италија отсекогаш го признавала и поддржувала ќе биде посилен во Унијата. Целосна европска интеграција на Северна Македонија во ЕУ за нас е стратешка цел“, кажа Силвестри.
За Италија земјава е суштински партнер, а како што беше напоменато, билатералните односи се одлични на сите нивоа. Рамката на билатерални односи, како што наведе амбасадортот, е збогатена со бројни иницијативи, голем дел од нив во областа на културата.
Годинава во декември Македонија и Италија ќе се прослават 30 години дипломатски односи.
А. АНТЕВСКА