ИТАЛИЈАНСКИОТ „ЛА ВЕРИТА“ ОБЈАВУВА ЗА МАКЕДОНИЈА УШТЕ ОД ДЕСОРОСОИЗАЦИЈАТА НА ГРУЕВСКИ

    ИТАЛИЈАНСКИОТ „ЛА ВЕРИТА“ ОБЈАВУВА ЗА МАКЕДОНИЈА УШТЕ ОД ДЕСОРОСОИЗАЦИЈАТА НА ГРУЕВСКИАвторот на сите текстови за состојбите во Македонија Ларис Гајсер, најавува и нови продолженија на денешниот текст за аферата „Рекет“: - Факсимили од сите текстови објавени во „Ла верита“ од 15 јануари 2017 досега.

    Италијанскиот десничарски весник „Ла Верита“, кој денеска објави видео и дел од разговорот како Бојан Јовановски-Боки 13 и Зоран Милевски-Кичеец ги земаат парите од Орце Камчев, што е предмет на истрагата „Рекет“ на Обвинителството за организиран криминал и корупција, уште од 15 јануари 2017 објавува текстови кои силно се заснoвани на партискиот наратив на ВМРО-ДПМНЕ.

    „Ла верита“ на 2 јули објави и аудиоснимка за наводно договарање тендер во М-НАВ во кој е вмешан и генералниот секретар на Владата Драги Рашковски, со текстот „Скандал во Скопје, Тендер за ‘Леонардо’, Цигани како нас“. И во овој текст како и во денешниот за Камчев, весникот не кажува од каде му се аудио и видеоснимките.

    Факсимил од текстот во „Ла верита“ од 2 јули 2019 под наслов: „Скандал во Скопје, Тендер за ‘Леонардо’, Цигани како нас“

    Весникот, чиј прв број излезе на 20 септември 2016, веќе на 15 јануари 2017 објави интервју со тогашниот македонски министер за надвореши работи во техничката влада Никола Попоски, кој ја промовира операцијата за „десоросоизација“ на Македонија што ја најави експремиерот Никола Груевски непосредно по изборите на 11 декември 2016.

    На 15 јануари 2017 објави интервју со тогашниот македонски министер за надвореши работи во техничката влада Никола Попоски под наслов „Сорос да престане да ја дестабилизира Македонија“

    На 14 мај 2017, по организираниот напад на Собранието на 27 април, „Ла верита“ објави текст со наслов „Заев, социјалистот кој има врска со исламот, поддржан од Могерини, ја обвинува Италија за геноцид“.

    Факсимил од текстот во „Ла верита“ од 14 мај 2017 под наслов „Заев, социјалистот кој има врска со исламот, поддржан од Могерини , ја обвинува Италија за геноцид“

    Сите овие текстови беа споделувани од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, и од целата партиска медиумска инфраструктура поддржана од партијата или поддржувачи на партијата. На дел од нив, како и на вебстраната на ВМРО-ДПМНЕ, линковите со пренесените текстови од „Ла верита“ веќе не постојат.

    Авторот на сите текстови за Македонија е Ларис Гајсер, во чија биографија во „Ла верита“ стои дека е е роден во Словенија, член е на тим на приватниот Католички универзитет во Милано, предавач на Универзитетот во Џорџија, САД и Диплиматската академија во Виена, и е владин и бизнис консултант. Тој е претседател на десничарското Паневропското движење на Словенија, дел од претседателството на меѓународната Паневропска Унија. Заедно со него, во претседателството на оваа организација е и доскорешниот македонски амбасадор во Брисел, Андреј Лепавцов и советник на поранешниот премиер Никола Груевски. На парламентарните избори во 2011, Гајсер бил кандидат за десничарската Словенечка људска странка. Според неговиот фејсбук профил, на 9 октомври 2016 е фотографиран со експретседатлот Ѓорѓе Иванов и Лепавцов на состанок во Виена на Паневропското движење.

    Факсимил од денешниот текст на Гајсер во „Ла верита“  со наслов „Специјалната обвинителка посакувана од Могерини и Брисел, даде оставка поради случај на поткуп“.

    Тој денеска на својот фејсбук профил најавувајќи го текстот со видеото за исплатата на Камчев кон Боки 13, вели дека ова е прв дел „од мојата приказна која докажува како ЕУ, откако поддржа промена на режимот во Македoнија со цел да го ограничи нејзиниот суверенитет, успеа да го создаде Специјалното јавно обвинителство (судија Катица Јанева), кое уште од почетокот не само што нелегално се мешаше во политиката туку и рекетира луѓе!“

    Според неговиот фејсбук профил, на 9 октомври 2016 Гајсер е фотографиран со експретседатлот Ѓорѓе Иванов и Лепавцов на состанок во Виена на Паневропското движење.

    „Мафијашки систем кој работи под директна контрола на највисоките политичари! На тие политичари барани од ЕУ и Сорос. Македонија има голем проблем на својот пат кон ЕУ … самата ЕУ! Могерини, Јункер и компанија се виновни за понишување на целата нација и за отворена поддршка на сè што е против нормалното владеење на правото, владеење за кое божем се залага Брисел!“, пишува на Фејсбук Гајсер и најавува дека во следниве неколку дена ќе објави „шокантни документи за кои искрено се надевам дека ќе помогнат Македонија да си го најде патот кон функционална демократија“.

    Според информацијата на веб страната, „Ла верита“ е независен дневен весник со седиште во Милано и дистрибуција низ цела Италија, чиј основач и главен уредник е Маурицио Белпјетро, поранешен уредник на весниците „Џорнале“, „Панорама“, „Либеро“ и „Темпо“. Првиот број излезе на 20 септември 2016, прво излегува од вторник до недела, а од 2 јули 2018 излегува секој ден. Онлајн верзијата излегува од 19 март 2018. Според главнот уредник, уредувачката политика на весникот е инспирирана од моделот за либерално новинарство, политички блиско до експремиерот Силвио Берлускони. На 31 октомври, „Ла верита“ го откупи неделникот „Панорама“ од издавачката куќа Мондадори, сопственост на Берлускони. Весникот важи за близок до есктремнодесничарската партија Северна лига на чело со министерот за внатрешни работи Матео Салвини, чии политички сојузници се унгарскиот премиер Виктор Орбан и рускиот претседател Владимир Путин.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира