Ѓорге Иванов попладнево кажа дека „претседателот на државата има начини да дојде до сите информации во државата“, одговарајќи на прашање како знаел кого треба да помилува кога предистражните постапки на Специјалното обвинителство се тајна во групно интервју со неколку уредници што се емитува на јавниот сервис МТВ.
Специјалната обвинителка Ленче Ристоска денеска рече дека СЈО не му дало податоци на претседателот Иванов за лицата за кои се водат постапки. Таа кажа дека и ним не им е јасно како податоците завршиле кај претседателот, бидејќи голем број од лицата кои ги аболицираше никогаш не се јавно споменати.
„СЈО сака да знае кој ги оддал тајните информации на Иванов, со цел да се покрене постапка и за тоа“, рече Ристоска.
Таа рече дека обвинителите од СЈО кои се аболицирани од Иванов не ја прифаќаат аболицијата. „Со таквиот чин директно се влијае на нивната чест и углед“, рече обвинителката Ристоска.
Иванов во интервјуто рече и дека постои реална закана за физичка ликвидација на двајца лидери на партии. Тој рече дека не може да ги каже имињата, но дека службите ги знаат и дека тие лица се информирани за заканите кон нив, како и дека и кон него има такви закани.