ИЗБЕГАНИОТ ГРУЈЕВСКИ ГО ФАЛСИФИКУВАЛ ПОТПИСОТ НА ЗВОНКО КОСТОВСКИ ЗА ДА ЈА УНИШТИ ОПРЕМАТА НА УБК СО КОЈА ПРИСЛУШУВАЛ

    ИЗБЕГАНИОТ ГРУЈЕВСКИ ГО ФАЛСИФИКУВАЛ ПОТПИСОТ НА ЗВОНКО КОСТОВСКИ ЗА ДА ЈА УНИШТИ ОПРЕМАТА НА УБК СО КОЈА ПРИСЛУШУВАЛСведокот Звонко Костовски со Артан Ајро од СЈО пред Основниот суд Скопје 1 (Фото: СДК.МК)

    Обвинетиот ексначалник на УБК Горан Грујевски, кој не учествува во судењето за масовното незаконско прислушување во „Тврдина-Таргет“ на СЈО, со фалсификат ја уништил опремата од три уреди на УБК со која претходно тој и раководството на УБК прислушувале илјадници граѓани без судски налог.

    Сведокот на денешното судење Звонко Костовски, пред Основниот суд Скопје 1 кажа дека Грујевски го фалсификувал токму неговиот потпис.

    За дописот кој денеска му го дадоа в рака обвинителите Артан Ајро и Трајче Пеливанов, инженерот Костовски рече дека е чист фалсификат. Дописот, наводно, Костовски го пратил до Петтата управа во МВР и со него тој наводно бара од началникот Горан Грујевски опремата за прислушување да биде расходувана.

    „Овој документ не е мој. На втората страница потписот е мој, но првата и втората страница се со различен фонт. Различен е и печатачот на кој бил печатен документот. На првата страница буквите се задебелени во споредба со втората страница“, го анализираше Костовски документот за уништување на опремата за прислушување и додаде дека линијата онаму каде што пишува строго доверливо на првата страница е пократка од линијата на втората страница и дека двата листа од дописот се различни.

    „Евиденцискиот број е внесен со мастилно пенкало. Секретарката користеше хемиско обично пенкало“, го разоткриваше Костовски фалсификатот.

    „Овој документ го немам изготвено јас. Втората страна е искористена од некој друг документ кој јас своерачно сум го потпишал“, рече Костовски.

    За масовното прислушување и за бесправно уништување на трите уреди за прислушување обвинети се тогашниот директор Сашо Мијалков, Гордана Јанкулоска, избеганите Горан Грујевски и Никола Бошкоски, Тони Јакимовски и шестмина вработени во УБК кои по телефон давале наредба да се впишуваат броеви на граѓани, а дел од нив и прислушувале.

    Судењето продолжува на 26 март, но судијката Џенета Бегтовиќ даде плус уште два термина, на трети и на 19 април 2019.

    По судењето обвинетиот Мијалков беше однесен назад во затворот во Шутка.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира