ИЗГАСНАТ Е ПОЖАРОТ ВО БОГДАНЦИ, ВО СКОПСКО СЕ ГАСНАТ 7 ПОЖАРИ НА ОТВОРЕНО

    ИЗГАСНАТ Е ПОЖАРОТ ВО БОГДАНЦИ, ВО СКОПСКО СЕ ГАСНАТ 7 ПОЖАРИ НА ОТВОРЕНОАнгелов вели дека нема штета на четирите ветерници под кои помина пожарот. (Фото: ЦУК)

    Целосно е изгаснат пожарот во Богданци, изјави директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов. Противпожарните тимови се повлекуваат од терен, а на лице место, додава тој, е оставена дежурна екипа да внимава да не дојде до повторно разгорување. Пожарот избувна вчера околу 11 часот во месноста Брдаров Камен, веднаш до препумпната станица на хидросистемот Дојранско Езеро, каде има нискостеблеста деградирана шума и сува трева.

    Изгорени се приближно над 350 хектари нискостеблеста деградирана шума, грмушки и трева. Ангелов вели дека нема штета на четирите ветерници под кои помина пожарот. На терен беа околу 65 лица, меѓу кои пожарникари од Гевгелија, Валандово, Кавадарци и Штип, заедно со тим од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Национални шуми и јавното комунално претпријатие од Богданци.

    На територијата на државата денес се регистрирани 10 пожари на отворено, а во скопско се изгаснати и сѐ уште се гасат 7 пожари на отворено.

    „Апелирам до сите македонски граѓани да бидат исклучително внимателни да не предизвикаат пожар. Палење на оган и скара на отворено, палење на стрништа и пасишта, фрлање отпушоци или работа со алат кој искри за миг може да предизвика пожар. И најмалиот пожар за миг може да излезе од контрола и неколку стотици метри или неколку километри подалеку може да убие човек или да нанесе огромна материјална штета“, вели Ангелов.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира