Обучувачи од Израел два дена ќе ги пренесуваат своите знаења на македонските лекари, како и на претставници на АРМ, МВР и противпожарните служби за справување со во кризни ситуации преку хиперреалистичната програма за Израелската одбранбена армија.
Обуката се одржува како резултат на меморандумот за соработка меѓу Министерството за здравство, Фондот за иновации и технолошки развој и државата Израел, кој беше потпишан кон крајот на минатата година.
Проектот е вреден 200.000 долари, од кои дел 100.000 долари се обезбедени од Фондот за иновации и технолошки развој, а 104.000 долари се обезбедени од министерството за надворешни работи на Израел.
Министерот за здравство Венко Филипче кажа дека оваа едукација е значајна за унапредување и зајакнување на здравствениот систем, но и за целиот систем за управување со кризи во услови на масовни катастрофи и кризи. Тој кажа дека Министерството за здравство има изготвено посебен План за дејствување при кризни состојби и катастрофи.
„Станува збор прво за теоретска едукација за пружање итна медицинска помош, но и за координација на службите во давањето на ваква помош. Пред повеќе недели ја имавме онаа страшна трагедија кај селото Ласкарци и покажавме дека тој план функционира, каде севкупниот здравствен систем беше активиран за 15 минути. Но, со оваа експертиза токму од државата Израел, каде имаат вакви искуства сакаме дополнително да го унапредиме“, рече Филипче.
Тој најави дека наскоро е предвидена голема симулациска вежба при справување со екстремни ситуации, каде учесниците во обуката ќе може јавно да ги покажат своите знаења и вештини.
„Во симулациската вежба ќе се прави во хипер-реални услови и сите овие лекари, кои денес присуствуваат на овој тренинг значајно ќе ги надградат своите знаења. Присутни се и претставници на МВР, АРМ и Противпожарната служба и со тоа го унапредуваме мултисекторскиот и интерсекторскиот систем за нивна соработка. Верувам дека ова е само еден почеток и дека ќе успееме да направиме систем на тренинг за сите млади лекари кои отпочнуваат со пракса а понатаму да се надградуваат во различни сфери“, рече Филипче.
Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Јован Деспотовски кажа дека по три месеци од потпишувањето на меморандумот веќе има конкретна реализација и најави дека сериозно работат на реализација на идејата за научнотехнолошки парк во Скопје.
Е. БОЧВАРОСКА