ИЗВРШИТЕЛКАТА ЈАКИМОВСКА НАПАДНАЛА ПОЛИЦАЕЦ ОТКАКО БИЛА ПОВИКАНА НА РАЗГОВОР ЗА НАПАД ЗА НОВИНАР

    ИЗВРШИТЕЛКАТА ЈАКИМОВСКА НАПАДНАЛА ПОЛИЦАЕЦ ОТКАКО БИЛА ПОВИКАНА НА РАЗГОВОР ЗА НАПАД ЗА НОВИНАРИзвршителката го уништила и изготвениот службен материјал на нападнатиот полицаец. (архивска фотографија)

    Извршителката Весна Јакимовска физички нападнала полицаец откако била повикана на разговор во полициската станица во Кичево пријава за напад на новинарот Фуркан Салиу, соопшти Министерството за внатрешни работи.

    Таа, освен што го нападнала новинарот Салиу, ја оштетила и неговата опрема, а подоцна и го уништила изготвениот службен материјал на нападнатиот полицаец.

    „На 21.03.2024 во 23.20 часот, полициски службеници од ОВР Кичево ја лишиле од слобода В.Ј.(60) од Скопје. Таа, претходно, на улицата ‘Трајче Стрезоски’ во Кичево физички го нападнала Ф.С.(33) од Скопје и ја оштетила неговата службена опрема, а потоа во службените простории на ОВР Кичево, каде била повикана на разговор, физички го нападнала полицискиот службеник и го уништила изготвениот службен материјал. По целосно документирање на настанот, против неа ќе биде поднесена соодветна пријава“, велат од МВР.

    Основното јавно обвинителство Кичево соопшти дека поведе постапка против извршителката поради основано сомнение дека во стек ги сторила кривичните дела – Спречување на службено лице во вршење службено дејствие од член 382 став 3 во врска со став 1, Напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста од член 383 став 2 во врска со став 1 и Фалсификување или уништување деловни книги од член 280 став 2 од Кривичниот законик. Јавниот обинител побара притвор за Јакимовска „која во текот на целиот настан продолжувала да се заканува поради што јасно постои опасност од повторување на делото“.

    „Осомничената 60-годишна извршителка за Кичево најпрвин на 21 март спречила службено лице – новинар кој се обидел да сними изјава од неа во врска со нејзиното постапување по предмет на извршување. Физички го нападнала и ја оштетила опремата на новинарот. Откако била пријавена и повикана во полициска станица да даде исказ, осомничената физички нападнала полициски службеник и го уништила изготвениот службен материјал“, соопшти Обвинителството.

    Од Комората на извршители реагираа дека Јакимовска била спречена во вршењето на службената должност и дека незаконски била снимена додека ја извршувала својата работа.

    „Превземањето на дејствија во домот на должникот се врши почитувајќи ја личноста и достоинството на должникот и неговото семејство, па од таа причина јавноста е исклучена од постапките на извршувањето согласно обврската за извршителска тајна. Комората ќе ги искористи сите законски средства за да се побара одговорност за недозволеното и незаконито снимање на дејствијата кои ги презема извршителот со цел реализирање на судска одлука за наплата на долг“, велат од Комората.

    Од Комората на извршители ги повикаа надлежните институции за брза и ефикасна истрага со цел целосно расчистување на случајот.

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира