Специјалното јавно обвинителство (СЈО), место зголемување на правната сигурност, прави правна несигурност, бидејќи работи и по изминување на рокот од 18 месеци, отвора истраги и најавува нови обвиненија, рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Зоран Илиоски, на расправата за шестмесечниот извештај за работата на СЈО во собраниската Комисија за политички систем и односи со заедниците.
„Вие правите правна несигурност, иако викате дека сте го зголемиле степенот на правната сигурност. И по две години од формирањето на СЈО, немате најава кој прислушувал. За тоа и бевте основани, да најдете кој прислушувал“, кажа Илиоски.
Специјалната обвинителка Јанев на Илиоски му одговори дека на нивната веб страна има даночна пријава од која може да се видат трошоците и дека вештаци ангажира според законот.
„Ја разбирам нервозата на пратеникот зошто СЈО продолжува да работи. Специјалното јавно обвинителство работи според законот, кој вели, до завршување на сите постапки“, му одговори Јанева на Илиоски.
Пратеникот Илиоски ѝ забележа на специјалната обвинителка дека во извештајот не дава детали како се потрошени околу 900 илјади евра, дека ангажирала вештаци кои биле високи функционери на СДСМ, и ја праша дали СДСМ ги предал сите прислушувани материјали на СЈО и дали има записник.
„Дали СДСМ ги предаде сите прислушувани разговори. Неофицијално, се зборува дека на црниот пазар има уште разговори кои се користат за добивање на некаква корист и се користат за уценување, рече Илиоски.
Јанева, на Илиески му одговори дека сите материјали се предадени во судот и дека е направен записник на сите предадени прислушувани разговори.
Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева пред пратениците рече дека за сите предмети што ги процесуирало СЈО имаат материјални докази и сведоци.
„Иако меѓу граѓаните владее мислење дека предметите се темелат само на снимените телефонски разговори, тоа не е така. Разговорите беа само индиција за да се почне предистражна постапка, побарани се докази и сослушани се сведоци“, рече Јанева.
Специјалната обвинителка Јанева побара од пратениците да се дефинира законската рамка за положбата на СЈО, за да може до крај да ги заврши сите покренати постапки.
Пратеникот Бетијане Китев од СДСМ, го пофали извештајот за работата на СЈО, дека бил реален и објективен.
Г. ТРПЕНОСКИ