ЈАКИТЕ ЕКСПЕРТИ МИЛЕ И ВЛАДО, А ПА И ТИ ЕДЕН ЕКСПЕРТ, Ѝ РАСКАЖУВА СТАВРЕСКИ НА ЈАНКУЛОСКА ШТО МУ КАЖАЛ ГРУЕВСКИ ВО БОМБА ЗА КИНЕСКИТЕ АВТОПАТИ

    ЈАКИТЕ ЕКСПЕРТИ МИЛЕ И ВЛАДО, А ПА И ТИ ЕДЕН ЕКСПЕРТ, Ѝ РАСКАЖУВА СТАВРЕСКИ НА ЈАНКУЛОСКА ШТО МУ КАЖАЛ ГРУЕВСКИ ВО БОМБА ЗА КИНЕСКИТЕ АВТОПАТИПоради почеток на судските одмори, судењето продолжува на 4 септември. - Јанакиески и Јанкулоска на конгред на ВМРО-ДПМНЕ; Ставрески и Пешевски на прес-конференција (Фото: СДК.МК)

    Во продолжение на денешното судење за предметот на СЈО „Траекторија“ во врска со злоупотребите при изградбата на кинеските автопати беше пуштен целосниот прислушуван разговор меѓу поранешната министерка Гордана Јанкулоска и поранешниот вицепремиер Зоран Ставрески, во кој Ставрески ѝ раскажува разговор со Груевски.

    „Ноќеска каква порака добив. Ми иде телефонот од глава да му го треснам. Нè тера да направиме нешто незаконско. Не ме тера мене конкретно, туку ги тера Миле и Владо. И му кажувам на месинџер дека тоа не е законско, а тој ми враќа: ’Јаките експерти Миле и Владо, а па и ти еден експерт правник‘. Човеков изгубил контакт со реалноста, не е во ред така да вреѓаш. Договор со кинеска компанија со клаузула дека ќе стапи во сила кога ќе бил изгласан во Собрание. 700 милиони евра е проектот, кој ќе стави потпис на такво нешто“, раскажува Ставрески.

    Јанкулоска, пак, му вели: „А бе кредит за дома да земеш, треба да отвориш очи, а не па за ова“.

    Ставрески продолжува: „Си викам, еј бе да ти ебам, јас сум искусен правник, за тебе сум…“

    Потоа Јанкулоска му се фали дека во предизборието во 2013 година цел ден се расправа со табели и списоци на гласачи за ВМРО-ДПМНЕ и го информира Ставрески дека луѓето на терен собрале уникатни 20.000 телефонски броеви што не се повторуваат.

    Ставрески вели: „Гоца, добро е ако се извадат сите 20.000, супер е. Прошлиот пат имавме 17.000 и сите ги извадивме“.

    Во разговор со обвинетиот Миле Јанакиески, Ставрески му вели: „Ми се јави шефот. И он ми вика: ’Дали може да се потпише договор со ’Синохидро‘ и да стои таму дека тој договор ќе стапи во сила откако ќе се изгласа законот во Собранието‘“.

    Јанакиески му вели: „Ама јас немам право да го потпишам, немам такво овластување“.

    Ставрески продолжува: „Јас на шефот му кажав дека тоа правно не е издржано. ’Ексим‘ банката вика: ’Мене ми треба потпишан договор со компанијата ’Синохидро‘ за ние да одобриме кредит‘. Јас нема што да доаѓам утре на разговорите со Кинезите, ќе ви пратам човек од кај мене. Доволни сте ти и Владо“.

    Во друг разговори меѓу Јанакиески и обвинетиот Никола Груевски, на повик на поранешниот премиер, Груевски му вели на Јанакиески: „Јас ќе ти кажам тебе кои домашни компании ќе ги вклучиме“.

    Преостанаа уште 20-тина бомби за преслушување, како и десетици пораки. Поради почеток на судските одмори, судењето продолжува на 4 септември.

    Во „Траекторија“, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, бившиот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и ексдиректорот на Агенцијата за патишта Љупчо Георгиевски се обвинети за кривичното дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“, а експремиерот Никола Груевски е обвинет за кривичното дело „Примање награда за противзаконито влијание“.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира