Скопје, 20 март, 2016 (САКАМДАКАЖАМ.МК) – Младата актерка Јана Стојановска, внука на глумецот Ацо Јовановски – Снагата, кој на 86 годишна возраст почина во петокот, денес му отпеа песна за збогум на дедо си, за време на комеморацијата во Драмскиот театар во Скопје. Присутните коментираа дека таа е новата Јана Снагата зашто по официјалните обраќања на сцената, излезе со Венко Серафимов на гитара, и отпеа песна која вчера ја напишала посветена на великанот на македонското глумиште.
“Летни, летај горе во височини, со ангели весели и слободни, ако се сетиш некогаш, намигни ни“, отпеа Јана.
На комеморацијата за еден од последните доајени на македонскиот театар во неговата матична куќа дојдоа Љупка Џундева, Мајда Тушар, Ленче Делова, Марин Бабиќ, Диме Илиев, Симе Илиев од втората генерација на современиот театар, што како што кажа Марин, беа пречекани како родени деца од постарите колеги, меѓу кои беше и Ацо. Веќе најстариот мајстор на повоениот театар овде, Ристе Стефановски зборуваше за биографијата, споменувајќи го и најстариот театролог Иван Ивановски, кој беше тука. Последна почит на Јовановски му оддадоа и колегите од МНТ, од Турскиот, од Битолскиот театар.
Сите му оддаваа почит и на семејството, актерките – сопругата Славица Ковачевиќ, ќерката Силвија и внуките Јана и Ана Стојановски, како и првата братучетка Снежана Стамеска. (Нивните татковци беа браќа.)
Ацо Снагата покрај антологиските улоги, го одбележуваат анегдотите и местенките кон другите, што му даваа живот. Во видето прикажано на Комеморацијата, Милица Стојанова вели дека тие во соработка со Драги Костовски правеле шеги кои некогаш не биле пријатни. Лично таа, не зборувала со Ацо 17 години, но во тој период ги изиграле своите најуспешни улоги заедно. Професијата над сè, вели Милица.
Колегите и пријателите раскажуваа дека Ацо 90 отсто од времето мислел како да се мајтапи. Во видео записот Коле Ангеловски раскажува како Ацо и Драги, како најголеми мајтапџии во театарот се местеле и меѓу себе. Па, во една прилика пукајќи со сачмарка, Драги ненамерно повредил некој Албанец, близу окото. Ацо почнал да му праќа луѓе, писма со закани, демек „око за око“. Драги бил многу исплашен, но кога сфатил дека е шегата местенка од Ацо, и со своите пријатели доктори се договорил, легнал во болница со чалма на главата, божем извадил око. Ацо бил многу тажен и вознемирен..
На Комеморацијата беа редени неговите улоги. Како анегдота Ристе Стефановски кажа дека тој како млад ја знаел целата претстава “Сомнително лице“ напамет. И, во една изведба, Прличко се разболел, Илија Џувалековски влетал на негова место, друг на трето, и Ацо излетал од ложата влетувајќи во улогата на Ѓока, што потоа ја играл до крајот на векот на оваа легендарна претстава.
И, за крај уште една анегдота искажана од внуката Јана Снагата. Од сцената вели: „На Академија на предметот Актерска игра пред камера, професорот Данчо Чеврески ни рече дека кога порано се снимале филмови, со дневен хонорар можело да се купи кола. Јас, веднаш отидов кај дедо ми и го прашав дали е вистина. Тој ми рече: „Да!“. „Па, добро, кај ти се парите“, го прашала Јана, глумецот кој има снимено над 60 играни филма во Македонија и поранешна Југославија, а Ацо одмавнал со раката, и насмеан рекол: „Ех“.