ЈАНЕВА ДАЛА МАЛА ПАРИЧНА ГАРАНЦИЈА ДА СЕ БРАНИ ОД СЛОБОДА, ЗАТОА Ѝ БИЛ ОДРЕДЕН КУЌЕН ПРИТВОР

    ЈАНЕВА ДАЛА МАЛА ПАРИЧНА ГАРАНЦИЈА ДА СЕ БРАНИ ОД СЛОБОДА, ЗАТОА Ѝ БИЛ ОДРЕДЕН КУЌЕН ПРИТВОРОд Апелациониот суд Скопје велат дека со куќниот притвор Јанева не е слободен граѓанин и оти МВР ќе има 24-часовен надзор врз неа. - Катица Јанева (архивска фотографија)

    Гаранцијата на третоообвинетата во „Рекет“ Катица Јанева да се брани од слобода изнесувала околу 180 илјади евра и советот од тројца судии во Одделот за организиран криминал одлучил дека со таква мала сума таа не може и не смее да биде слободен граѓанин, бидејќи е обвинета за сериозно кривично дело – злоупотреба на службената положба и овластувањата како Специјален јавен обвинител.

    Во одлуката што ќе биде објавена, велат судии од тричлениот совет што ѝ даде куќен притвор на Јанева, главните аргументи за поблагата мерка ќе бидат тоа што сведоците се веќе распрашани и обвинение за рекетирање на осомничениот Орце Камчев во „Империја“ веќе има против: Бојан Јовановски, Јанева и против Зоран Милевски – Кичеец. Тоа, патем, за судиите значело дека Јанева не може веќе да влијае на сведоците.

    Од Апелациониот суд Скопје велат дека со куќниот притвор Јанева не е слободен граѓанин и оти МВР ќе има 24-часовен надзор врз неа. Таа нема да е слободна како што би била со прифатената гаранција, вели судија од тричлениот совет што ја донесе одлуката. Вториот аргумент за пуштањето на Јанева од Шутка за судскиот совет во Апелација биле лекарските извештаи, кои упатувале на тоа дека таа имала големи здравствени проблеми.

    Одлуката за ублажување на мерката против Јанева ќе биде јавно објавена, но јавноста ќе ги нема на увид доказите за нејзината здравствена состојба, што се заштитени како лични податоци. Токму затоа шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција Вилма Русковска, која уште го нема добиено решението за куќен притвор на Јанева, остро реагирала за пуштањето на Јанева од ефективен притвор од Шутка, зашто таа како обвинител во „Рекет“, имала поинакви аргументи во прилог на тоа дека во интерес на постапката и на обезбедување на нејзино присуство, е да остане во притвор во истражниот затвор, а не да си замине оттаму, со поблага мерка.

    Русковска веднаш кога дозна дека судиите во жалбена постапка одлучиле да ја пуштат Јанева во куќен притвор, му напишала смс порака на апелациониот судија Јани Нича дека ако е неговиот совет тој што ја донел таквата одлука, „ќе им ги стресе гаќите, ќе им отвори финансиска истрага“. Навреден од заканата кон тројцата судии, Апелациониот суд Скопје, кој првично најавуваше дека Русковска ќе ја пријави во МВР, односно во Обвинителството, ја пријави кај Државниот обвинител Љубомир Јовески и во Советот на јавни обвинители. Оваа конфронтација на шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција Вилма Русковска и Апелациониот суд Скопје, кој решава по жалби против нејзините прифатени барања од понискиот суд, ја подели јавноста, во прилог на и против Русковска и за поддршка на финансиската истрага за судии, не само за тројцата од советот.

    И министерката за правда Рената Дескоска во петокот побара да се испита потеклото на имотот на судиите, како форма на мек ветинг.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира