ЈАНЕВА ПАК ПОВОД ЗА КАВГА МЕЃУ ВМРО-ДПМНЕ И СДСМ

    ЈАНЕВА ПАК ПОВОД ЗА КАВГА МЕЃУ ВМРО-ДПМНЕ И СДСМ

    Скопје, 21 март, 2016 (МЕТА) – Ова е прв случај во овие 25 години од независна Македонија, едно избрано или именувано лице да не се појави и да не образложи извештај пред Собранието на Република Македонија, изјави претседателот на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците Влатко Ѓорчев, по денешната одложена седница на која требаше да се разгледува шестмесечниот извештај за работата на специјалната обвинителка Катица Јанева.

    Ѓорчев рече дека за денешната седница Јанева била уредно поканета, но таа не се појавила ниту, пак, доставила известување дека нема да дојде што тој го протолкува како непочитување на Собранието, на Уставот и на законите.

    – Нејзиното недоаѓање е целосно непочитување кон институциите и на Собранието како законодавен дом. Ова е непочитување на Уставот. Јанева се стави над Уставот и над Собранието, пред кое еднаш годишно извештај поднесува претседателот на државата и еднаш месечно на пратенички прашања одговара претседателот на Владата – рече Ѓорчев.

    Веднаш по прес-конференцијата на Ѓорчев, изјава за медиумите даде и потпретседателката на Собранието, Рената Тренеска-Дескоска, која рече дека денешниот театар е уште една потврда за стравот на ВМРО-ДПМНЕ и на нејзиниот претседател Никола Груевски да се соочат со криминалот.

    – Од моментот на формирањето на Специјалното јавно обвинителство, ВМРО-ДПМНЕ прави сè да ја опструира и да ја оневозможи работата на ова обвинителство. Очигледно дека најавата за првите обвиненија во извештајот на СЈО создава паника кај ВМРО-ДПМНЕ, а денешното поведение на претседателот на комисијата, Владимир Ѓорчев, е потврда за тоа – рече Дескоска.

    Одговарајќи на новинарско прашање дали Јанева мора да се појави пред Комисијата и да го образложи извештајот, Дескоска рече дека нивниот став ќе го кажат утре.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари