Едно од трите лица фатени со оружје во строго заштитена зона во Националниот парк (НП) „Пелистер“ на 13 август е поврзан со ловно здружение од Битола, соопштија од СВР Битола за САКАМДАКАЖАМ.МК. Неофицијално дознаваме дека се работи за ловочувар на друг ловен терен на Баба Планина, зашто во Националниот парк е строго забранет лов и лицето имало дозвола за поседување оружје.
Тројцата биле затекнати на спиење и кај нив не бил пронајден дивеч, но имале огнено оружје. Против нив уште не е поднесена кривична пријава, а полицијата презема мерки и дејствија за доразветлување на случајот.
„Сè уште се преземаат мерки и дејствија, одземени се вкупно 11 парчиња оружје, а едно лице има врска со ловечко здружение од Битола. По целосно документирање на настанот ќе следува соодветна кривична пријава“, соопштија денеска од СВР Битола.
На 13 август, според полицискиот билтен, на Пелистер во три часот по полноќ полициски службеници од Полициското одделение Велушина и од криминалистичката полиција при СВР Битола ги лишиле од слобода Н. С. (33) од Битола, Р. Ј. (53) од с. Кишава, Битолско и Б. Г. (48) од Битола. Тие биле затекнати со огнено оружје во строго заштитена зона, при што им било одземено оружјето и биле уапсени.
Од Националниот парк Пелистер велат дека тие ја воделе потрагата, но идентификацијата на затекнатите лица ја направиле полицајците.
Акцијата за пронаоѓање на вооружени лица започнала на 12 август некаде после 19 часот по прибрани информации од различни извори од терен. Во потргата беа вклучени две патроли на „Пелистер“, предводени од директорот Ивачно Тошевски, потпомогнати со полициски службеници од СВР Битола. Двете патроли се движеа по тешко достапен терен над 2.000 метри надморска височина во текот на ноќта и имаа за цел да пристапат од различен правец, од село Велушина и од Инфоцентар до локација на која се наоѓале вооружените лица согласно добиените информации.
„Некаде после 23.30 часот и повеќе од три часа пешачење, вооружените лица беа лоцирани во близина на локација Голема Грива во зона на строга заштита. Од моментот на лоцирање на вооружените лица со сите понатамошни активности раководеа полициските службеници. Акцијата беше завршена во раните утрински часови во четири саатот наредниот ден на 13.08.2026 со спроведувањето на лицата до полициска станица“, соопштија од Паркот.
Теренот на кој се одвиваше потрагата е тешко достапен и тежок за контрола на ренџерската служба поради немање на соодветна инфраструктура за редовни патролни активности. Шумските патишта кои според сите стратешки документи на НП „Пелистер“ требало да бидат клучни артерии за заштита на природата за жал, се оставени полека да пропаѓаат. Истите патишта се високо на агендата на активности на Националниот парк „Пелистер“ и веќе се работи на нивно опоравување, како што е стариот земјен француски пат кој Големо Езеро ќе го поврзе до Брајчино во Преспа.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



