Специјалното јавно обвинителство (СЈО) ги сподели со Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје податоците кои можат да придонесат во расчистување на околностите под кои настапила смртта на нивниот сведок Коста Крпач, соопшти СЈО.
Специјалното обвинителство укажа дека „сепак, информациите и списите кои беа барани, а кои не се поврзани со испитување на околностите под кои настапила смртта на Крпач, не се споделени со Основното јавно обвинителство Скопје, бидејќи истите се дел од предистражна постапка пред ова Јавно обвинителство која е во тек“.
Податоците до ОЈО Скопје се доставени по нивно барање за меѓуинституционална соработка, по повод предистражната постапка, во рамки на која се испитуваат околностите под кои настапила смртта на Коста Крпач.
„Иако ние го прифативме барањето за меѓуинституционална соработка и во целост соработуваме со Основното јавно обвинителство Скопје, за жал од нивна страна отсуствува ваков однос на целосна и професионална соработка. Повторно укажуваме дека иако до Основното јавно обвинителство Скопје имаме испратено барања за меѓуинституционална соработка, до сега немаме добиено никакви податоци по повод нашите барања и не ни се доставени копии од казнените списи кои сме ги побарале, иако член 81 од ЗКП јасно го предвидува ова право. Истовремено, ве известуваме дека согласно член 9 став 9 од Законот за јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, сите тела за спроведување на закони, согласно Законот за кривична постапка, се обврзани да обезбедат помош по барање на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, поради што очекуваме во иднина Основното јавно обвинителство Скопје да постапува во целост согласно споменатите законски одредби“, соопшти СЈО.